Повеќе од половина од лицата кои во Европа биле дијагностицирани со ХИВ во 2024 година ја добиле дијагнозата предоцна, кога болеста веќе напредувала, предупредуваат Светската здравствена организација (СЗО) и Европскиот центар за превенција и контрола на болести во нов заеднички извештај.
Меѓународните здравствени институции истакнуваат дека околу 105.922 луѓе минатата година биле дијагностицирани со ХИВ на европско ниво, а вкупно 2,68 милиони случаи се регистрирани од 1980-тите наваму. Но, загрижува податокот дека повеќе од половина од новите случаи во 2024 година се откриени доцна – во 33,6% вирусот бил веќе во напредната фаза.
Според извештајот, бројот на лица кои живеат со недијагностициран ХИВ расте, што се гледа преку разликата меѓу очекуваните и пријавените случаи. Ова, како што истакнува СЗО, претставува „тивка криза“ која овозможува понатамошно ширење на вирусот.
Регионалниот директор на СЗО за Европа, д-р Хенри Клуге, предупреди дека стигмата и дискриминацијата и понатаму се најголемата пречка за рано тестирање. „Не правиме доволно за да ги отстраниме смртоносните бариери што ги спречуваат луѓето да направат едноставен тест. Раната дијагноза не е привилегија, туку предуслов за долг и здрав живот и клуч за запирање на ХИВ“, рече тој.
Иако во последната деценија во Европа е забележан пад на нови инфекции, освен краток пораст по COVID-19 поради интензивираното тестирање, извештајот предупредува дека пониските бројки не значат и реално намалување на инфекциите. Намалениот број дијагнози може да се должи токму на задоцнето тестирање, што пак доведува до потешки здравствени последици и повисока смртност.
Неколку земји се издвојуваат со особено висок процент на доцна дијагностицирани случаи. На врвот се Босна и Херцеговина (80,6%), Северна Македонија (74,5%), Хрватска (68,3%) и Шведска (66,7%). Најниски стапки имаат Финска (27%) и Кипар (41%).
Минатата година во европскиот регион се пријавени 7.161 случаи на СИДА, но оваа бројка не ја одразува целосната состојба, бидејќи некои големи земји – меѓу кои Германија, Шпанија и Шведска – не доставиле податоци.
Хетеросексуалните односи се главниот пат на пренос на вирусот во Европа (62% од сите дијагнози), следени од сексуални односи меѓу мажи (13%) и употреба на инјективни дроги (12%).
Иако лек за ХИВ сè уште не постои, современите терапии овозможуваат целосно контролирање на вирусот. Со навремена дијагноза и соодветен третман, лицата со ХИВ можат да водат нормален и долг живот — уште една причина, посочуваат експертите, зголемувањето на тестирањето да стане врвен приоритет за сите европски здравствени системи.

