Охрид станува град со најекстремен јаз во цените на становите во државата. Според Агенцијата за катастар, цени на становите во Охрид се движат од околу 1.300 евра за квадрат кај постарите објекти, па сè до 3.000 евра за квадрат во новоградба, што го прави охридскиот пазар еден од најнерамномерните во регионот.
Директорот на Катастар, Иван Живковски, во гостување во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21 истакна дека новиот полугодишен извештај ќе даде уште појасна слика за состојбите, но дека трендовите веќе сега се јасни. Охрид, како најатрактивен туристички и станбен центар покрај езеро, ја има најголемата разлика во цените меѓу старите станови и новите згради.
„Во Охрид можете да најдете станови по 1.300 евра за квадрат, но кај новите згради цената оди и до 3.000 евра. Таква варијација нема ниту во Скопје“, посочи Живковски, нагласувајќи дека во главниот град постои јасно оформен ценовен коридор, без толку драстични разлики по маало или тип на градба.
Податоците на Катастар покажуваат дека токму новоградбите во Охрид ја креваат горната граница на цените. Современи згради на атрактивни локации, со паркинг, лифт и модерни фасади, се продаваат по цена која веќе сериозно се доближува до најскапите локации во регионот. Од друга страна, старите згради, куќите и становите во внатрешноста на градот ја задржуваат пониската вредност и се движат околу или малку над 1.300 евра за квадрат.
Живковски најави дека новиот полугодишен извештај на Катастар ќе го потврди трендот на раст, но и на голема ценовна нееднаквост на охридскиот пазар на недвижности. За купувачите тоа значи внимателно да ги споредуваат понудите и локациите, а за инвеститорите – јасен сигнал дека Охрид останува еден од најдинамичните и најбараните градови кога станува збор за вложување во станови.

