Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски ја пофали на Инстаграм својата способност да биде на три места истовремено или барем така изгледа.
„Еден ден, три градови и три држави — помеѓу многу настани“, објави Муцунски, оставајќи впечаток дека дипломатските напори во последните 24 часа вклучувале и „телепортација“.
Според министерот, во фокусот биле „членството во ЕУ, партнерството во НАТО и билатералните односи“. Сè тоа, нормално, заокружено со „многу работа и силна посветеност“. Но вистинската ѕвезда на видеото кое го објави е позадинската музика.
Токму таму се слуша хитот „Магија“ од Јован Јованов, со стиховите:
„Ќе ми треба магија за да те освојам… Ти ќе бидеш само моја.“
Додека Муцунски зборува за геополитички цели, НАТО агенди и европски перспективи, песната во заднина делува како романтична симболика, можеби упатена кон Брисел, можеби кон Вашингтон, а можеби едноставно кон сите кои се уште не се „освоени“ од неговиот дипломатски шарм.
И така, додека други министри тешко стигнуваат до соседната општина, нашиот шеф на дипломатија стигнува до три држави за еден ден и го прави тоа со саундтрак кој вели дека ќе треба „магија“…
Политичка сериозност? Дипломатска ефикасност? Или најдобар музички избор за министерски TikTok?
Публиката ќе процени, ама барем е јасно дека надворешната политика никогаш не звучела повесело.

