Администрацијата на Трамп повеќе нема да го одбележува Светскиот ден за борба против сидата

EPA-EFE/LUDOVIC MARIN / POOL
EPA-EFE/LUDOVIC MARIN / POOL

Американскиот Стејт департмент објави дека веќе нема јавно да го одбележува Светскиот ден за борба против сидата – 1 декември, ставајќи крај на повеќедецениската традиција што започна во 1993 година со претседателската прокламација на Бил Клинтон. Одлуката доаѓа во момент кога глобалните напори против ХИВ/СИДА се под силен притисок поради американските буџетски кратења.

Одлуката е во спротивност со апелите на сер Елтон Џон, кој во ново интервју за Variety порача дека Доналд Трамп би можел да влезе во историјата „како еден од најголемите претседатели“ доколку ја заврши борбата против ширењето на ХИВ/СИДА. Според легендарниот музичар, човековоста и политичката волја постојат – лекови има, ПрЕП е достапен, а антиретровирусната терапија може да го сопре пренесувањето на вирусот. „Можеме да ја запреме епидемијата ако луѓето се однесуваат човечно,“ рече тој.

Забрана за употреба на федерални средства за обележување

The New York Times објави дека Стејт департментот им наложил на вработените да не користат федерални средства за активности посветени на 1 декември. Сѐ уште е неизвесно дали Трамп ќе издаде претседателска прокламација за Светскиот ден за борба против сидата.

Ова доаѓа во период кога PEPFAR – глобалната американска програма за помош во спречување и лекување на ХИВ – се соочува со сериозни кратења. Администрацијата на Трамп претходно најави дека ќе укине над 90% од проектите на Американската агенција за меѓународен развој (USAID), што според проценките на AP значи околу 60 милијарди долари помалку глобална помош.

Сер Елтон претходно предупреди дека ваквите „нагли одлуки“ ќе имаат „разорни последици“ врз глобалниот одговор на ХИВ/СИДА.

Остра критика од ООН: „Кратењата убиваат луѓе“

Според UNAIDS, САД се најголем донатор во светскиот одговор на ХИВ/СИДА, а скратувањето на американската помош веќе довело до недостиг на лекови, прекинати програми и смртни случаи во најпогодените региони. Новиот извештај на ова тело предупредува дека глобалната борба против ХИВ е ставена во „кризен режим“.

Од 1988 година, Светскиот ден за борба против сидата служи за подигнување на свеста за пандемијата и за сеќавање на милионите жртви. За здруженијата и активистите, јасно е дека свеста не може да се подигне без јавна комуникација и политичка заложба.

Како што рече Елтон Џон: „Ако нема дијалог, борбата ќе трае многу подолго. Не смееме да се повлечеме откако стигнавме толку далеку.“

Зачлени се на нашиот е-билтен