Францускиот претседател Емануел Макрон денеска најави воведување доброволен воен рок за младите, кој треба да стартува до средината на 2026 година. Одлуката, како што нагласи, е одговор на „забрзаните закани“ со кои се соочува Европа и светот.
Овој потег доаѓа во време кога европските држави сè повеќе се чувствуваат ранливи поради агресивната политика на Русија и променливите безбедносни приоритети на претседателот Доналд Трамп, на кои континентот со децении се потпираше.
Програма што трае 10 месеци и е наменета за 18- и 19-годишници
Макрон, за време на посетата на 27. планинска пешадиска бригада во Варс, во Француските Алпи, соопшти дека новата програма ќе биде наменета за 18- и 19-годишници, ќе биде платена и ќе трае 10 месеци.
Проектот ќе чини околу две милијарди евра, што претседателот го оцени како „важен и неопходен напор“.
Постепено зголемување на бројот на учесници
Програмата предвидува првично ангажирање на 3.000 доброволци до 2026 година, исклучиво на француска територија.
Бројката треба да се зголеми на 10.000 до 2030 година, а амбицијата на Макрон е до 2036 година програмата да вклучи и до 50.000 млади, во зависност од развојот на безбедносните закани.
По завршувањето на службата, учесниците ќе можат да се вклучат во цивилниот сектор, да станат резервисти или да продолжат кариера во вооружените сили.
Дел од поширок европски тренд
Со оваа објава, Франција се приклучува кон речиси дванесет европски земји, меѓу кои Германија и Данска, кои веќе воведоа слични програми во обид да го засилат капацитетот на своите армии.
Макрон оцени дека укинувањето на задолжителниот воен рок во 1996 година, од страна на поранешниот претседател Жак Ширак, било исправна одлука за тоа време – но, додава, сегашните безбедносни предизвици бараат „нов тип на ангажман“ што ќе одговара на потребите на Франција денес.

