На Муцунски и Иванка Василева (ВМРО-ДПМНЕ) во Стразбур в лице им порачаа: Македонија треба без одложување да премине во следната фаза од пристапните преговори со Европската унија, со целосно исполнување на преземените обврски – вклучително и уставните измени.
Ова e една од неколкуте заеднички препораки што вчера ја усвоија македонските пратеници и европратениците во рамки на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ–Македонија, кој заседаваше во Стразбур под копретседателство на Иванка Василевска од ВМРО–ДПМНЕ и европратеникот Карло Реслер и на чие заседание присуствуваше и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
„Честитки до сите – заедничките препораки се усвоени. Ви благодарам,“ изјави Реслер по гласањето.
Во првата препорака, Комитетот констатира дека постои силен, стабилен консензус меѓу политичките партии и граѓаните за членството во ЕУ и повикува на постојан дијалог за задржување на фокусот кон оваа стратешка цел.
„…Следната фаза од пристапните преговори да се одржи без непотребно одложување, веднаш по исполнувањето на условите утврдени од Советот; повикува, во таа насока, на одлучни чекори за унапредување на процесот во согласност со преговарачката рамка и за спроведување на преземените обврски, вклучително и договорените уставни измени. Го поздравува постепеното интегрирање на земјите-кандидатки во ЕУ, но посочува дека тоа не може да биде замена за кредибилен пат кон полноправно членство,“ стои во документот.
Втората препорака недвосмислено нагласува дека процесот на проширување мора да се темели на Копенхашките критериуми, индивидуалните заслуги и исполнетите услови – меѓу кои и уставните измени.
Во пакетот од 23 препораки, Комитетот ја нагласува важноста од одржување добрососедски односи, како и доследната имплементација на Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство со Бугарија, со искрена волја од сите страни.
За разлика од претходните сесии, комитетот не ја претставува Северна Македонија како позитивен пример за мултиетничко општество. Наместо тоа, едноставно го признава нејзиниот мултиетнички карактер и повикува на напори за зачувување на хармоничните односи меѓу заедниците.

