Кој е Андриј Јермак, силниот човек на Зеленски

Украинските антикорупциски служби утрово влегоа во објекти поврзани со шефот на кабинетот на претседателот Володимир Зеленски, Андриј Јермак, еден од најмоќните луѓе во државниот врв и неформално „број два“ во Киев. Националното антикорупциско биро (НАБУ) и Специјалното антикорупциско обвинителство (САПО) потврдија дека рациите се дел од голема истрага за корупција во државната нуклеарна компанија „Енергоатом“, но не прецизираа дали Јермак официјално е осомничен.

Сам Јермак на Телеграм потврди дека истражителите спроведуваат „процесни дејствија“ во неговиот дом. Порача дека нема никакви пречки во работата на НАБУ и САПО, дека им е овозможен целосен пристап до станот и дека неговите адвокати се на лице место и комуницираат со истражителите. Јермак нагласи дека целосно соработува со органите на прогон.

Андриј Јермак долго време е дел од најтесниот круг на Зеленски. По професија е адвокат и филмски продуцент кој работел со студиото „Квартал 95“ на Зеленски, обезбедувајќи правни услуги. Паралелно ја основал „Гарнет медиа груп“, компанија што произведувала украински филмови и телевизиски содржини.

Кога Зеленски стана претседател во 2019 година, Јермак прво беше именуван за негов советник за надворешна политика. Негова задача беше да преговара за размена на затвореници со Русија, уште од првата инвазија во 2014 година, како и да ги координира контактите со САД. Во февруари 2020 година, Зеленски го постави за шеф на кабинет, со фокус на војната во источна Украина, а по 2022 година и на целокупната руско-украинска војна.

Од тогаш Јермак ја зацврстува својата позиција и внатре во Украина и на меѓународна сцена. Тој често го придружува Зеленски на најважните состаноци со западните лидери и во последно време ја предводеше украинската делегација на преговорите со Соединетите Држави во Женева за можен договор за завршување на војната. Дел од дипломатијата, велат набљудувачите, де факто се преселила во неговите раце.

Корупциската истрага околу „Енергоатом“ е една од најголемите откако Зеленски е претседател. Антикорупциското биро објави аудио-снимки на кои, според нив, се слуша како државни функционери перат пари и земаат провизии од државни договори, со наводно испрани повеќе од 100 милиони долари. Како организатор и „мозок“ на шемата се посочува Тимур Миндич, поранешен бизнис-партнер на Зеленски, кој во минатото јавно го нарекол Јермак „свој пријател“. Сè уште не е јасно дали нивната блискост продолжила и по руската целосна инвазија или корените се во периодот пред 2019 година, кога Јермак формално не беше во политика.

Истрагата, која според НАБУ траела 15 месеци и вклучувала околу 1.000 часа аудио-снимки, укажува на вмешаност на неколку членови на украинската влада. Во дел од јавноста токму тоа го отвора прашањето дали човек со толкава моќ и влијание како Јермак можел да не знае за можната корупција во највисоките кругови.

Под лупа е и неговата „екипа“. Премиерката Јулија Свириденко, именувана летово, претходно била заменик на Јермак (2020–2021), а потоа преминала во Владата. Новиот генерален обвинител Руслан Кравченко, назначен во јуни, антикорупциските активисти и дел од владејачките пратеници го гледаат како негов протеже. И актуелниот министер за надворешни работи Андриј Сибиha бил заменик на Јермак пред да го наследи Дмитро Кулеба, кој наводно влегол во судир со моќниот шеф на кабинетот.

Уште пред последната истрага, тројца од сегашните заменици на Јермак – Олег Татаров, Андриј Смирнов и Ростислав Шурма – веќе беа предмет на истраги на НАБУ, а некои од нив и обвинети. Во таков амбиент, дел од граѓанскиот сектор и од сојузниците на Украина сè погласно бараат од Зеленски да го разреши човекот кого многумина го сметаат за негов најмоќен и најконтроверзен соработник.

Зачлени се на нашиот е-билтен