Премиерот Христијан Мицкоски јавно ги демантираше написите дека неговиот помал син бил хоспитализиран и во тешка состојба по масовното труење на учениците во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во скопско Влае. Тој порача дека информациите што се појавија во дел од медиумите не се точни и дека детето имало симптоми како и останатите деца, но не било задржано во болница.
„Имаше некои медиуми кои пренесоа дека е во тешка состојба, дека е хоспитализиран. Сакам да демантирам. Не беше. Беше во состојба во која беа и сите други дечиња… морам да признаам дека тоа не е вистина“, изјави Мицкоски, реагирајќи на шпекулациите околу здравствената состојба на неговиот син.
Премиерот потврди дека детето Антони билo меѓу учениците погодени од труењето и дека три дена примало инфузија, поради што не одело на настава. Според него, состојбата сега е стабилна, а очекува од понеделник повторно да се врати во училишните клупи.
Случајот со труењето во „Димо Хаџи Димов“ отвори низа прашања за безбедноста на храната во училишните кујни, но и за начинот на информирање на јавноста кога во приказната се вмешани и деца на носители на високи државни функции. Демантот на Мицкоски доаѓа како одговор на лавината објави на социјалните мрежи и портали, каде што се ширеа драматични – и, според него, неточни – тврдења за здравјето на неговиот син.

