Катастрофалниот пожар во стамбениот комплекс „Wang Fuk Court“ во Хонг Конг, во кој загинаа најмалку 146 луѓе, прво беше објаснуван со „традиционалното“ бамбусово скеле околу зградите. Новите наоди од истрагата, пак, ја поместуваат вината: не било до бамбусот, туку до небезбедната заштитна мрежа и до евтините панели поставени околу прозорците – материјали кои не ги исполнувале минималните стандарди за противпожарна заштита.
Локалните власти соопштија дека мрежата што ги покривала скелињата на зградите во реновирање била несоодветна и лесно запалива, а полиуретанските и полистиренски панели на прозорците буквално го „нахраниле“ огнот. Кога пламенот стигнал до нив, панелите експлодирале и фрлале жар и искри по фасадата, па пожарот за неколку минути се проширил од една на речиси сите кули во комплексот.
Комплексот бил целосно опкружен со бамбусови скелиња обвиени со пластична мрежа, а прозорците биле „обложени“ со изолациони плочи – комбинација која може да биде особено опасна ако материјалите се поевтини, неквалитетни и без соодветен сертификат. Истрагата покажала дека токму тоа се случило: дел од примероците земени од повисоките катови не ги исполнувале прописите, иако првичните тестови на пониските нивоа формално биле во рамки на стандардите.
Трагедијата сама по себе е огромна: седум од осумте облакодери со по 31 кат биле зафатени од огнот, гаснењето траело до петок, а стотици жители останале без дом. Досега се потврдени најмалку 146 жртви, околу 100 луѓе се водат како исчезнати, а десетици се повредени. Властите мораа итно да сместат повеќе од илјада жители во привремени станови, хотели и хостели, а за поддршка на погодените веќе се собрани стотици милиони хонконшки долари донации.
Особено алармантен дел од истрагата се игнорираните предупредувања. Жителите цела година се жалеле дека заштитната обвивка на зградите е ризична, а инспекторите од надлежниот завод извеле најмалку 16 надзори од јули 2024 година наваму. Секојпат писмено ги предупредувале изведувачите да ги почитуваат противпожарните прописи. Последната контрола била направена само една недела пред пожарот – но, и покрај тоа, опасната мрежа и панелите останале на своето место.
По обелоденувањето на наодите, антикорупциската комисија уапси 11 лица, меѓу кои директори на градежна компанија и инженерски консултант. Тие се осомничени дека дозволиле поставување на поевтини, неусогласени материјали за да се зголеми профитот на изведувачите, притоа директно загрозувајќи го животот на илјадници станари. Властите истражуваат и дали постоела свесна злоупотреба на службена должност и коруптивни договори поврзани со изборот на материјали и надзорот.