СДСМ: Камерите открија над 1.000 нерегистрирани возила во Скопје

СДСМ ја искористи првата пресметка од новиот систем на камери во Скопје за директен политички удар кон владата на Христијан Мицкоски, тврдејќи дека бројката на нерегистрирани возила е огледало на паднатиот животен стандард на граѓаните. Според соопштение на партијата, за само 12 часа од стартот на системот биле регистрирани над 1.000 возила без важечка регистрација во главниот град.

Од СДСМ оценуваат дека ова не е само сообраќаен, туку и социјален индикатор – порака дека сè поголем број домаќинства не можат да си дозволат ни основни трошоци како регистрација на автомобил. „Тоа покажува колку е паднат стандардот на граѓаните со Мицкоски и ДПМНЕ. Народот нема пари ниту за регистрација на автомобилите“, наведуваат од партијата, нагласувајќи дека станува збор за податоци само за Скопје, а состојбата во внатрешноста, според нив, е уште полоша.

Во соопштението се вели дека економијата паѓа, приходите на граѓаните заостануваат зад трошоците, а многумина „едвај преживуваат“. Паралелно со тоа, СДСМ ја обвинува актуелната власт дека живее во луксуз – се „гоштева со папаја и манго“, патува со бизнис-класа и, како што тврдат, преку милионски тендери ги испумпува парите на граѓаните. Според наративот на опозицијата, ваквата раскошна слика е во остар контраст со реалноста на луѓето кои немаат средства за да го задржат сопственото возило во легален сообраќај.

СДСМ директно го таргетира и потегот на владата да ја врати оградата околу зградата на Владата. Потсетуваат дека веднаш по падот на режимот на Никола Груевски, оградата била тргната, а просторот пред Владата бил симболично „вратен на граѓаните“. Сега, со повторното оградување, СДСМ го обвинува Мицкоски дека се „оградил од народот“ и дека наместо да се соочи со проблемите, ги гледа граѓаните преку камери. „Ама ученикот на Груевски ја врати оградата и тоа е показател колку се исти. Ова е иста банда“, стои во реакцијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен