Никој не се чувствува виновен за ПУЛС, судењето влегува во нова фаза

Во судницата во затворот „Идризово“ заврши изјаснувањето на обвинетите за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, во која загинаа 62 лица. Ниту еден од присутните обвинети не ја призна вината за тешката несреќа, иако сите изразија жалење за загубените животи.

Првообвинетиот Дејан Јованов – Деко, сопственик на дискотеката, кратко изјави дека „не се чувствува виновен за кривичното дело“ што му се става на товар. Поранешниот управител Митко Стојанов кажа дека длабоко жали за жртвите и дека „би го дал животот за некои од нив“, но притоа не прифати кривична одговорност. Тодор Јованов, задолжен за влезници, кој и самиот е родител на повредено дете во пожарот, на судот му порача дека на сите оштетени им посакува закрепнување и изрази сочувство, но исто така нагласи дека не се чувствува виновен за трагедијата.

Меѓу обвинетите се и актуелни и поранешни функционери. Градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, беше најдиректен во својата одбрана. Тој изјави дека обвинението е „конструирано“ и оцени дека истрагата е селективна, иако потврди дека му е јасно за што се товари. Слична линија на одбрана имаше и поранешниот директор на Државниот завод за статистика, Шабан Салиу, кој процесот го нарече „политички мотивиран и правно неоснован“.

На обвинителна клупа се и инспектори и државни службеници, кои тврдат дека неоправдано се вметнати во постапката. Градежниот инспектор Огњан Георгиев изјави дека „нема никаква вина“ и дека е обвинет само за да има „повеќе луѓе на број“ во предметот. Пазарната инспекторка Весна Кузмановска, со видлива емоција, потсети дека меѓу жртвите и повредените има дечиња – другарчиња на нејзините деца – но нагласи дека, и покрај сочувството, не чувствува вина за она што се случило. И останатите инспектори и службеници, меѓу кои Љупчо Стаменков, Николчо Гоцев, Зоран Николовски, Беким Максути и Аднан Џафероски, се изјаснија дека не се виновни.

Обвинети се и вработени од агенцијата за обезбедување „Рубикон“. Тие пред судот тврдеа дека во критичните моменти не ја напуштиле дискотеката, туку се обидувале да спасат живи глави. Обезбедувачот Мартин Ѓорѓиев истакна дека не ги прифаќа делата што му се ставаат на товар и дека тој и колегите го ризикувале својот живот за да извлечат што е можно повеќе лица. Стојанчо Димитријев зборуваше за „голема болка и жал“ што не успеал да спаси повеќе млади луѓе. Вина негираат и Ивица Грозданов, Јане Јанчевски, како и сопственикот Александар Нацев, чиј предмет дополнително е споен со овој процес.

Со ова рочиште, судот го заокружи првиот дел од постапката – формалното изјаснување за вина. Во следните фази ќе следуваат искази на сведоци, вештачења и детална реконструкција на настаните од кобната ноќ во „Пулс“, кога пожарот за неколку минути ја претвори преполната дискотека во огнена замка. За семејствата на загинатите и за преживеаните, почетокот на судењето е и надеж дека конечно ќе се утврди не само индивидуалната, туку и институционалната одговорност – дали и кој пропуштил да спречи локал да работи под ризични услови.

Зачлени се на нашиот е-билтен