Општина Сарај трошела милиони без никакво покритие

Општина Сарај давала субвенции без фактури, паушали без јасни критериуми и нерегистриран имот – вака Државниот завод за ревизија ја сумира сликата за финансиското работење на општината во 2024 година. Ревизорите утврдиле дека се исплатени речиси половина милион евра субвенции на јавни претпријатија без програма и документација, ангажирани се лица на договор за дело за редовни административни работи, а доделени се и десетици илјади евра на здруженија и поединци без евалуација и без правилник за распределба на парите.

Според ревизорскиот извештај, само за субвенции кон JКП „Сарај“ и ЈП „Акциос“ во текот на 2024 година се исплатени 487.805 евра. Притоа, општината немала донесена програма за субвенционирање, ниту се приложени фактури и поткрепувачка документација за тоа за кои конкретни активности се потрошени овие средства и каков ефект произлегол од нив. ДЗР укажува дека на овој начин се уриваат и транспарентноста и контролата врз трошењето на буџетските пари.

Ревизорите нотираат и сериозни неправилности во начинот на ангажирање кадар. Општина Сарај исплатила 93.415 евра за лица ангажирани по договор за дело за редовни административни работи, и тоа континуирано, во период подолг од две години – што всушност укажува на прикриени работни односи, наместо на краткорочно ангажирање за специфични задачи. Дополнително, за адвокатски услуги се плаќале 17.560 евра врз основа на договор со месечен паушал, што отстапува од тарифниот модел на пресметка и повторно остава простор за сомнеж во оправданоста и контролата на трошоците.

Од општинската каса, според ревизијата, биле исплатени и 71.740 евра на млади талентирани ученици, здруженија на граѓани, фондации, спортски клубови, поединци и институции што вршат дејности од јавен интерес. Проблемот е што средствата се доделувани без извршена евалуација на проектите и без усвоен правилник со јасни критериуми за распределба на парите. Ваквиот пристап ги претвора донациите и субвенциите во зона на дискреција, наместо во транспарентна и правично уредена политика на јавна поддршка.

Ревизорите откриваат и хаос во управувањето со општинскиот имот. Дел од недвижниот имот не е проценет и сметководствено евидентиран, а капиталните вложувања за 2024 година во износ од околу 2,3 милиони евра не се заведени како материјални средства во подготовка. Паралелно, не се евидентирани побарувања по основ на комунална такса за користење простор и поставување витрини пред деловни простории, надоместоци за легализација на бесправно изградени објекти и за уредување градежно земјиште. Само по основ на данок на имот и комунална такса за фирма, општината прикажала помалку побарувања за над 400.000 евра и не извршила попис и усогласување на сметководствената со фактичката состојба.

Во извештајот се наведува и дека во општината постојат инфраструктурни објекти – канализациски мрежи, системи за водоснабдување, објекти за пречистување отпадни води, локални улици и патишта – со вредност над два милиони евра, кои се користат, но немаат документација за извршен технички прием. Формално тие сè уште се водат како инвестиции во тек, без да им се пресметува амортизација, што дополнително ја нарушува сликата за реалната вредност на општинскиот имот и го отвора прашањето за законитоста на нивната употреба.

Посебен дел од ревизијата се однесува на спортско-рекреативниот објект и базенот во Сарај, кој е даден под закуп на период од 25 години. ДЗР утврдува дека ова е сторено без спроведување на законски пропишаната постапка за долгорочен закуп. Според важечките правила, секој договор за користење недвижен имот подолг од 10 години се третира како трајно отуѓување или долгорочен закуп и бара посебна постапка, согласности и дополнителни одобренија – нешто што во случајот со Сарај не било почитувано.

Ревизијата открива и неправилности при јавните набавки: неточно дефинирање на предметот на набавка, изведување активности надвор од техничката спецификација и пречекорување на вредносните прагови. Со други зборови, општината склучувала договори и испорачувала работи кои не биле прецизно и транспарентно наведени во тендерската документација, што отвора сомнежи во фер конкуренција и во заштита на јавниот интерес.

Ревизорите констатираат и дека општината нема изготвено и доставено до Советот предлог-план на програмите за развој, а во усвоениот буџет недостасуваат клучни програмски ставки – за јавна чистота, улично осветлување, одржување на зеленило, субвенционирање јавни претпријатија, заштита и спасување и родова еднаквост. Тоа покажува дека проблемот не е само во сметководството и во фактурите, туку и во самото планирање на локалните политики.

Сликата што ја дава Државниот завод за ревизија за Општина Сарај е на општина со сериозни системски слабости: нестабилно буџетирање, слаб надзор над субвенциите и паушалите, недоволна грижа за сопствениот имот и непочитување на процедурите при долгорочен закуп и јавни набавки. Останува да се види како ќе реагира општинското раководство на констатациите и препораките на ревизорите и дали ќе следуваат истраги и одговорност за начинот на кој се трошени и се прикривани јавните пари на жителите на Сарај.

Зачлени се на нашиот е-билтен