Аукциската куќа „Кристи’с“ на 5 февруари идната година ќе понуди на продажба досега непознат цртеж на италијанскиот ренесансен мајстор Микеланџело, создаден како подготовка за фреската на таванот во Систинската капела.
Станува збор за првата позната студија за дел од монументалниот таван на капелата што се појавува на аукција, а нејзината вредност се проценува меѓу 1,3 и 1,7 милиони евра. Според порталот Artdaily, цртежот е дел од околу 50 подготвителни студии кои му претходеле на осликувањето на прочуените фрески, од вкупно околу 600 сочувани Микеланџелови графики.
Цртежот претставува подготвителна студија за десното стапало на Либијската Сибила, една од најимпресивните фигури на таванот која Микеланџело ја сликал околу 1511 година. Фигурата е претставена во динамична, свиткана поза, при што стапалото е витко, а прстите ја притискаат платформата што ја носи тежината на телото.
Изведен во карактеристична црвена креда, цртежот ги отсликува прецизноста на Микеланџело во прикажувањето на анатомијата, како и смелите, енергични линии и суптилните корекции направени директно врз хартијата за време на процесот на планирање.
„Кристи’с“ го стекнал цртежот преку онлајн платформа за лични процени на уметнички дела. Пред аукцијата, ќе биде изложен во галеријата на аукциската куќа во Њујорк.
Микеланџело го создаде таванот на Систинската капела меѓу нив и славната сцена „Создавање на Адам“, каде Божјиот прст го допира прстот на првиот човек, по нарачка на папата Јулие II. Целиот таван, со површина од 520 квадратни метри, го изработил сам во периодот од 1508 до 1512 година.

