Објавена листата „најчитани статии на Википедија во 2025 година“: Чарли Кирк се најде на прво место

Gage Skidmore, CC BY-SA 2.0 , via Wikimedia Commons

Статијата за конзервативниот американски активист Чарли Кирк е најчитана страница на Википедија во 2025 година, покажуваат податоците на Фондацијата „Викимедија“. Записот за Кирк е отворен речиси 45 милиони пати, главно по неговото убиство на универзитетски дебатен настан на 10 септември.

Иако Кирк беше добро позната фигура во САД како коосновач на движењето Turning Point USA, неговата смрт доби огромно медиумско внимание на глобално ниво. Повеќе од 40 проценти од вкупните прегледи дошле од земји надвор од САД.

На второто место се најде традиционално популарната страница „Починати во 2025“, додека на третото е статијата за серискиот убиец Ед Гин, за кој Netflix оваа година сними сезона од својата true crime антологија Monster.

Годината е значајна и за самата Википедија – на 15 јануари платформата ќе го одбележи својот 25-ти роденден. Онлајн енциклопедијата и понатаму ја одржува доверливоста благодарение на околу 250.000 волонтери кои уредуваат и пишуваат содржини, следејќи три основни принципи: неутралност, поткрепа со веродостојни извори и отсуство на лични ставови или интерпретации.

Во првите пет најчитани статии се најдоа уште две американски јавни личности – Доналд Трамп, кој осми пат е дел од годишната листа, и папата Лав XIV, роден во Чикаго.

Филмските и ТВ-наслови традиционално доминираат меѓу најчитаните страници, како дел од феноменот „втор екран“, кога гледачите пребаруваат информации за време на гледање филм или серија. Филмовите Sinners и Superman се меѓу првите десет, а хит-серијата Adolescence се најде на 17 место поради виралната популарност по премиерата на Netflix.

Статијата за серијата Severance речиси го тројно зголемила бројот на прегледи меѓу првата и втората сезона, додека Википедија забележува и растечки интерес за резимеата на филмски и ТВ-заплети.

Американската политика е застапена со една четвртина од најчитаните содржини. На листата се најдоа изборната сензација Зохран Мамдани, кој се искачи до функцијата градоначалник на Њујорк, како и популарниот YouTube-ик MrBeast, кој за првпат влегува во топ 20.

Најчитани страници на Википедија во 2025 година:

  1. Чарли Кирк – 44.9 милиони
  2. Починати во 2025 – 42.5 милиони
  3. Ед Гин – 31.2 милиони
  4. Доналд Трамп – 25.1 милиони
  5. Папа Лав XIV – 22.1 милиони
  6. Илон Маск – 20.2 милиони
  7. Зохран Мамдани – 20.1 милион
  8. Sinners (филм, 2025) – 18.2 милиони
  9. Ози Озборн – 17.8 милиони
  10. Superman (филм, 2025) – 17 милиони
  11. Папа Франциско – 15.3 милиони
  12. Severance (ТВ серија) – 13.9 милиони
  13. САД – 13 милиони
  14. Thunderbolts – 12.9 милиони
  15. Weapons (филм, 2025) – 11.8 милиони
  16. Џ. Д. Ванс – 11.6 милиони
  17. Adolescence (ТВ серија) – 11.6 милиони
  18. MrBeast – 11.5 милиони
  19. Кристијано Роналдо – 10.8 милиони
  20. The Fantastic Four: First Steps – 10.8 милиони

Зачлени се на нашиот е-билтен