Белгиската полиција денеска ја уапси ректорката на Колеџ Европа и поранешна висока претставничка на ЕУ за надворешна политика, Федерика Могерини, како дел од голема истрага за наводна измама со европски пари поврзана со програмата „Европска дипломатска академија“.
Могерини била приведена во Брисел, а истрагата ја води Европското јавно обвинителство (EPPO), со поддршка на европската антикорупциска канцеларија ОЛАФ. Истовремено биле извршени претреси во седиштето на Европската служба за надворешно дејствување (ЕЕАС) во Брисел и во повеќе објекти на Колеџ Европа во Бриж. Според белгиските медиуми и европските портали, во акцијата се уапсени вкупно три лица, меѓу кои и ректорката на колеџот.
Во фокусот на истрагата е тендерот од 2021–2022 година, преку кој ЕЕАС на Колеџ Европа му ја додели деветмесечната програма за обука на млади европски дипломати – т.н. Европска дипломатска академија. Обвинителите имаат сомнежи дека колеџот или негови претставници добиле доверливи информации за тендерот пред официјалното објавување, со што била нарушена фер конкуренцијата и европските правила за јавни набавки.
Спорните дејствија, според наводите, се однесуваат на можни кривични дела измама при доделување јавни набавки, корупција, судир на интереси и повреда на професионална тајна. Посебно се проверува и купувањето зграда во улицата „Spanjaardstraat“ во Бриж, во вредност од околу 3,2 милиони евра, каде се сместени учесниците во академијата. Истражителите сакаат да утврдат дали инвестицијата и тендерот биле дел од ист „пакет“ и дали Колеџ Европа имал предност која другите кандидати не ја знаеле.
Федерика Могерини е ректорка на Колеџ Европа од 2020 година и годинава започна втор петгодишен мандат. Таа воедно е и директорка на Европската дипломатска академија од нејзиното отворање во 2022 година, а од 2014 до 2019 година беше висока претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика и шеф на ЕЕАС. Токму таа „ротациона врата“ – од политички врв на ЕУ до раководна позиција во институција што добива европски тендер – дополнително ја засилува политичката тежина на случајот.
Истрагата доаѓа само неколку часа по веста за полициската рација во ЕЕАС и Колеџ Европа, која веќе беше оценета како нов голем корупциски скандал во институциите на Унијата. EPPO и ОЛАФ официјално зборуваат за „широка истрага за можни злоупотреби на ЕУ-фондови“, а белгиското обвинителство потврдува дека на повеќе лица им бил укинат имунитет за воопшто да може да се спроведат претресите и апсењата.
Од ЕЕАС и Колеџ Европа засега одбиваат коментар, повикувајќи се на тоа дека истрагата е во тек и дека важи претпоставката на невиност. Могерини сè уште јавно не се има огласено по апсењето. Исходот од постапката ќе биде тест не само за нејзината лична одговорност, туку и за кредибилитетот на новите антикорупциски механизми на ЕУ и за угледот на Колеџ Европа, кој со децении се смета за „елитно училиште“ за идните европски дипломати и функционери.

