Северна Македонија и Србија утрово прават нов чекор во економското поврзување. Пред почетокот на големиот македонско-српски бизнис форум во хотелот „Александар палас“ во Скопје, во Владата се потпишува Меморандум за разбирање за економска соработка, кој треба да ја зацврсти трговијата, инвестициите и заедничкиот настап на трети пазари. Документот го потпишуваат вицепремиерот за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ и српската вицепремиерка и министерка за економија Адријана Месаровиќ.
Форумот во Скопје веќе на старт покажува амбиција: повеќе од 200 компании и најмалку 300 учесници од двете земји учествуваат на настанот, осмислен како место каде што бизнис-заедниците директно ќе договараат нови партнерства и инвестиции. Главен фокус се прехранбената индустрија, извозниот потенцијал на македонските и српските брендови и можностите за заеднички настап на пошироките регионални и светски пазари.

