Адем Чучуљ едногласно избран за нов шеф на Антикорупциска

Фото: Телма.мк

Собранието денес едногласно го избра Адем Чучуљ за нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата. Од 82 пратеници кои гласаа, сите 82 му дадоа поддршка, со што Чучуљ на чело на Антикорупциска стапува со редок политички консензус околу неговото име.

Адем Чучуљ е дипломиран правник со положен правосуден испит и речиси две децении работно искуство во ДКСК. Во Комисијата работи 19 години, а во последните години ја извршуваше функцијата генерален секретар. Во селекциската постапка за нов претседател доби највисока оценка – 96,5 бодови – при што комисијата за избор нагласи дека поседува значајно практично искуство во спречување корупција и судир на интереси, како и јасна визија и конкретен план за развој на институцијата.

Гласањето во пленум дојде по претходната едногласна поддршка во собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, која пред неколку недели го предложи Чучуљ како прв избор за нов претседател на Антикорупциска. Тогаш тој веќе беше фаворит меѓу 13-те кандидати, во конкуренција на адвокати, економисти и поранешни вработени во полицијата, но и на други поранешни и актуелни функционери.

Во завршната расправа пред денешното гласање, пратеници од власта и од опозицијата се повикаа токму на тоа искуство. Дел од говорниците нагласија дека Чучуљ „навистина може да ги зајакне капацитетите и репутацијата на ДКСК“ и дека по низата афери и оставки му се дава шанса да ја стабилизира институцијата која треба да биде првата адреса кога станува збор за високата корупција и судирот на интереси.

Мандатот на Чучуљ започнува во момент кога Антикорупциска излегува од турбулентен период. Неговата претходничка Татјана Димитровска поднесе оставка откако против неа беше покренато обвинение во случајот „Адитив“ – за наводно оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат. Тој факт дел од јавноста го чита како доказ дека и Антикорупциска не е имуна на притисоци и грешки, а други потсетуваат дека Чучуљ како генерален секретар беше дел од раководниот тим во истиот период, па новата функција ќе значи и своеобразен тест за неговата лична дистанца од старите практики.

Зачлени се на нашиот е-билтен