Последната супермесечина во 2025: кога и како да ја видите студената Месечина

Утре навечер небото ќе ни го подари последниот голем астрономски спектакл за годинава. Во четврток, на 4 декември, над источниот хоризонт ќе изгрее таканаречената „студена“ супермесечина – последната суперполна Месечина во 2025 година, и воедно најсјајната што ќе ја видиме до август 2026.

Според податоците објавени од ScienceAlert, студената супермесечина ќе се појави на хоризонтот во момент кога северната хемисфера веќе влегува во длабока зима. Бидејќи полната Месечина се совпаѓа со нејзиното најголемо приближување до Земјата, ќе изгледа поголема и посветла од вообичаено, со понагласен сјај и јасни контури на нејзината површина.

Супермесечината е последица на тоа што орбитата на Месечината не е совршено кружна, туку елиптична. Наместо секогаш да биде на иста оддалеченост, таа понекогаш се приближува, а понекогаш се оддалечува од просечните 384.400 километри. Точката во која е најблиску се нарекува перигеј – и токму утрешниот перигеј се совпаднува со полна Месечина, па затоа говориме за супермесечина.

Астрономските пресметки покажуваат дека на 4 декември Месечината ќе биде оддалечена околу 357.219 километри од Земјата. Тоа значи дека на небото ќе изгледа околу 8 проценти поголема и речиси 16 проценти посветла од „просечната“ полна месечина – разлика која со голо око не изгледа драматично, но е доволна да создаде впечаток на невообичаено голема и ниско поставена светла топка над хоризонтот.

Најдобар момент за набљудување ќе биде околу изгревот на Месечината, веднаш по зајдисонцето, кога таа се појавува ниско над источниот хоризонт. Токму тогаш, поради визуелна илузија, изгледа уште поголема во споредба со објектите на земјата – покривите, дрвјата или планинските гребени. Астрономите препорачуваат да се изберат повисоки и потемни места, подалеку од силно улично осветлување, за ефектот да биде највпечатлив.

Студениот зимски воздух, доколку е чист и без густа магла, може да ја направи сликата уште појасна: помалата влажност значи помалку расфрлање на светлината, па деталите на површината на Месечината – кратерите и темните „мориња“ – се гледаат поостро. За оние што сакаат да фотографираат, краток статив, објектив со поголемо зумирање и малку трпение се доволни за серија впечатливи кадри, особено во моментот кога Месечината „седнува“ над силуетата на градот или планината.

Оваа супермесечина се нарекува и „студена“ затоа што ја бележи доцната есен и почетокот на зимата на северната хемисфера. За астролозите, нејзиното појавување во знакот Близнаци симболично се врзува со комуникација и промени, но за астрономите и љубителите на небото најважно е нешто друго: фактот дека станува збор за последната шанса годинава да се види Месечината во нејзиното најблиско и најсветло издание. Следната супермесечина, според прогнозите, се очекува дури во август 2026 година.

Во време кога вестите се полни со политички и воени кризи, последната супермесечина во 2025 потсетува на едно едноставно нешто: доволно е да се крене погледот од екранот за момент за да се види дека и над нас се случува спектакл. Утрешната ноќ, барем за неколку минути, нè става сите под исто, малку поголемо и малку посветло небесно светло.

Зачлени се на нашиот е-билтен