Луксузни крајбрежни одморалишта, брзи железници и „паметни“ електроенергетски мрежи управувани со вештачка интелигенција, вака изгледа визијата „Project Sunrise“, план на администрацијата на Доналд Трамп со кој на странски влади и инвеститори им се предлага трансформација на разурнатата Газа во футуристичка крајбрежна метропола, објави Wall Street Journal.
Станува збор за нацрт-документ кој, според американски официјални лица, го изработиле Џаред Кушнер, зет на Трамп, и Стив Виткоф, специјален пратеник за Блискиот Исток, со учество на тесен круг високи функционери од Белата куќа.
Од шатори до пентхауси
Планот е претставен преку PowerPoint-презентација од 32 страници, означена како „чувствително, но некласифицирано“. Таа содржи илустрации на крајбрежни облакодери, графикони и табели со трошоци, како и опис на патот по кој жителите на Газа би преминале од шаторски населби во луксузни станови, а од сиромаштија кон економски просперитет.
Документот, сепак, не наведува кои држави или компании конкретно би ја финансирале обновата, ниту каде би живееле околу два милиона раселени Палестинци за време на реконструкцијата. Американски извори велат дека презентацијата веќе им била прикажана на потенцијални донатори, меѓу кои богати заливски монархии, Турција и Египет.
Сомнежи во самата администрација
Дел од американските функционери кои имале увид во планот изразуваат сериозни сомнежи во неговата изводливост. Тие се скептични дека Хамас би прифатил разоружување – услов без кој проектот не може да започне како и дека богатите држави би биле подготвени да инвестираат во трансформација на нестабилна поствоена зона во високотехнолошки град.
Други, пак, сметаат дека станува збор за најдеталната и најоптимистичка визија за иднината на Газа досега, под услов Хамас да го положи оружјето и да се стави крај на деценискиот конфликт.
„Слајдовите можат да се прават колку сакате“, изјави Стивен Кук, висок соработник на Советот за надворешни односи (CFR). „Никој во Израел не мисли дека ситуацијата ќе се помрдне од мртва точка и на сите тоа им одговара.“
Разоружувањето како клучен услов
Во одговор на новинарско прашање, портпарол на Белата куќа изјави дека претседателот Трамп и понатаму внимателно ја следи ситуацијата во Газа и мировниот план.
„Администрацијата на Трамп ќе продолжи интензивно да соработува со партнерите за да се обезбеди траен мир и да се постават темелите за мирна и просперитетна Газа“, се наведува во соопштението.
Во самиот документ, уште на втората страница, со болдирани црвени букви е наведено дека обновата на Газа зависи од тоа Хамас целосно да се демилитаризира и да ги отстрани сите оружја и тунели.
Цена поголема од 112 милијарди долари
Според нацртот, вкупната цена на проектот би изнесувала 112,1 милијарда долари во период од десет години. САД би имале улога на „сидро“, обезбедувајќи околу 60 милијарди долари преку грантови и гаранции за долгови, што претставува околу 20 отсто од вкупната финансиска поддршка. Во финансирањето би учествувала и Светската банка.
Четири фази на обнова и огромни пречки
Обновата е планирана во четири фази – од југот на Газа кон север, со почеток од Рафах и Кан Јунис, а завршница во градот Газа. Првите години би биле посветени на расчистување на урнатините, неексплодираните убојни средства и тунелите, со обезбедување привремен сместувачки капацитет и медицинска инфраструктура. Дури во завршните фази се предвидуваат луксузни крајбрежни проекти и современи транспортни јазли.
Обемот на разурнувањата, сепак, претставува огромен предизвик. Под околу 68 милиони тони урнатини, според проценките, се наоѓаат околу 10.000 тела, а теренот е загаден и опасен за обнова.
Почетокот на „Project Sunrise“ зависи од долготраен и кревок мировен процес меѓу Израел и Хамас. Иако администрацијата официјално не го нарекува ова „изградба на држава“, критичарите предупредуваат дека токму тоа се случува.
„Ако нешто го повторувате доволно пати, луѓето ќе поверуваат“, вели Кук. „Но, ова без разлика како го нарекуваат е изградба на држава.“