Суд во Ел Салвадор изрече затворски казни за стотици членови на криминални банди, меѓу кои и една рекордна пресуда од дури 1.335 години затвор за еден член на озлогласената банда Mara Salvatrucha (MS-13).
Државното обвинителство соопшти дека вкупно 248 припадници на MS-13 добиле, како што е наведено, „примерни казни“ за 43 убиства, 42 исчезнувања и низа други тешки кривични дела. Информацијата ја пренесе The Guardian, повикувајќи се на официјални судски извори.
Покрај најстрогата пресуда, уште десет лица се осудени на затворски казни кои се движат од 463 до 958 години. Обвинителството не прецизира дали обвинетите биле судени во рамки на едно заедничко судење, ниту точниот датум на изрекување на пресудите.
Овие пресуди се дел од пошироката кампања против криминалните банди што од март 2022 година ја спроведува претседателот Најиб Букеле, во рамки на вонредната состојба која овозможува апсења без судски налог. Според официјалните податоци, досега се уапсени повеќе од 90.000 лица, додека околу 8.000 биле ослободени откако било утврдено дека се невини.
Кампањата на Букеле значително го намали бројот на убиства и ги донесе на историски најниско ниво во оваа средноамериканска држава. Сепак, бројни организации за човекови права ги обвинуваат безбедносните сили за прекршувања на човековите права и злоупотреби за време на операциите.
Според владините податоци, MS-13 и ривалската банда Barrio 18 се одговорни за смртта на околу 200.000 луѓе во последните три децении. Во еден период, двете банди контролирале околу 80 проценти од територијата на земјата, поради што Ел Салвадор со години важеше за една од државите со највисока стапка на убиства во светот.
Државното обвинителство наведува дека бандите систематски изнудувале сопственици на бизниси. „Жртвите кои имаа свои компании мораа да плаќаат одредени суми пари за да не им биде нанесена штета“, се вели во соопштението. „Некои беа принудени целосно да ги затворат своите бизниси поради закани.“
Соединетите Американски Држави ја прогласија MS-13, заедно со уште неколку банди од Централна и Јужна Америка, за странски терористички организации.