Атина тестира „Safe City“: Вештачка интелигенција откри над 2.000 тешки сообраќајни прекршоци за четири дена

Грција започна пилот-иницијатива за подобрување на сообраќајната безбедност во главниот град, со воведување на системот „Safe City“, кој се потпира на сообраќајни камери со вештачка интелигенција. Според официјалните податоци, само во првите четири дена од тестирањето биле евидентирани повеќе од 2.000 сериозни прекршоци.

Како што објавува грчкиот дневен весник Kathimerini, една АИ-камера поставена на авенијата Сингру, една од најоптоварените сообраќајници во Атина, од вторник до петок регистрирала над 1.000 прекршоци поврзани со користење мобилен телефон за време на возење и неносење безбедносен појас.

Во истиот период, системот детектирал околу 800 случаи на пречекорување на дозволената брзина на дел од патот каде ограничувањето изнесува 90 километри на час, како и 480 поминувања на црвено светло.

Пилот-проектот стартуваше минатата недела и опфаќа осум локации со зголемен ризик од сообраќајни несреќи, избрани по препорака на Грчка полиција. Иницијативата е дел од поширока државна стратегија насочена кон намалување на бројот на несреќи и жртви на патиштата.

Министерот за дигитално управување Димитрис Папастергиу нагласи дека примената на ваква технологија е јасна политичка одлука со општествена цел.

„Целта е помалку сообраќајни несреќи и повеќе спасени животи“, изјави Папастергиу, потенцирајќи дека системот не е насочен кон репресија, туку кон превенција.

Според него, „Safe City“ треба да делува одвраќачки, а не исклучиво казнено. „Пораката е јасна – правилата важат за сите и се применуваат на праведен, транспарентен и модерен начин“, истакна министерот.

По завршувањето на тест-фазата, надлежните институции ќе направат детална анализа на резултатите, по што ќе одлучат дали системот ќе се прошири и на други делови од Атина, како и во други градови низ Грција.

Зачлени се на нашиот е-билтен