Во текот на денешната посета на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања се осврна и на последните статистички податоци за сиромаштијата во земјата.
„Што се однесува до стапката на сиромаштија, сакам да кажам дека во 2024 е подобра од 2023 и е најдобра од 2020 па наваму. Ако во 2020 стапката на сиромаштија била 23%, во 2023 година била 22,2%, во 2024 година таа е 21,9%. Кога станува збор за нееднаквоста на доходите односно т.н. Џини индекс во Македонија, е исто така најдобар во последните 4 години во 2024 година. Од 33,3% сега е на 29,1% и е најдобар во регионот“, изјави премиерот Мицкоски.
Тој истакна дека Џини индексот е прв пат под 30% во последните 30 години и е подобар од европскиот просек и од сите држави во регионот, а тоа значи дека има поголема еднаквост во распределбата на приходите помеѓу населението.
Инаку, според Државниот завод за статистика, во просек, стапката на сиромаштија за 2024 година е 21,9 проценти, односно приближно секој петти жител е под прагот. Кај домаќинствата со двајца возрасни и две издржувани деца стапката е 17,1 проценти, но кај оние со три или повеќе деца скокот е драматичен и ги носи на терен каде „нормалното“ преживување станува секојдневна импровизација.