59 овци, десет јагниња и шест кози беа еутанизирани на семејна фарма во Глогово, Задарска жупанија, објави хрватскиот RTL.
„Досега, болеста се појави во три случаи во Сплитско-далматинската жупанија, а ова е прв случај во кој се појави во Задарската жупанија“, рече Гордан Јербиќ, раководител на Секторот за ветеринарен надзор на Државниот инспекторат.
Досега официјално се потврдени четири случаи. Сепак, неофицијално, RTL дознава дека се појавило и петто животно, па во понеделник, уште 11 животни ќе бидат убиени на фармата во Сплитско-далматинската жупанија.
Чумата прво се појави во населбата Богдановиќи, а стравот владееше во блиските села.
Хрватските власти изјавија дека сопствениците на убиените животни ќе имаат право на надомест доколку ги исполнат сите прописи. Иако чумата не може да се пренесе на поголем добиток, сточарите се уште се на штрек.
И покрај зголемувањето на бројот на заразени животни, луѓето во никој случај не се изложени на ризик.
„Сакам да напоменам дека болеста е заразна само за мали преживари, што значи овци и кози. Не е заразна за други видови животни, вклучително и за луѓето“, вели Јербиќ.
Во Хрватска сè уште се на сила посебни мерки и надзор на заразените подрачја, а ветеринарната инспекција ќе утврди од каде дошла инфекцијата во Загора.
Чумата кај малите преживари (ЧМП) е високо заразна вирусна болест која ги зафаќа овците и козите, предизвикувајќи висока температура, воспаление на мукозните мембрани, отежнато дишење и дијареја, со потенцијално висок морталитет.
Мерките вклучуваат итна изолација, убивање на заразените животни, дезинфекција и воспоставување зони за ограничување, а клучот за превенција е брза реакција и известување за симптомите до ветеринарната служба.