Сателитските снимки сугерираат дека руските хиперсонични балистички ракети „Орешник“, способни да носат нуклеарни боеви глави, се распоредени во источниот дел на Белорусија, во близина на градот Кричев, тврдат американските истражувачи.
Откако руското Министерство за одбрана јавно го прикажа новото оружје во Белорусија, белоруските власти претходно го објавија пристигнувањето на ракетите „Орешник“.
Точната локација не е официјално потврдена, но пред неколку дена американските истражувачи Џефри Луис и Декер Евелит изјавија дека веруваат дека ракетите се распоредуваат во поранешна воздухопловна база во источна Белорусија.
Анализирајќи ги сателитските снимки на „Планет Лабс“, Луис и Евелит заклучија дека фотографиите покажуваат елементи што се во согласност со руската стратешка ракетна база. Тие наведуваат дека се 90 проценти сигурни дека мобилните лансери „Орешник“ ќе бидат стационирани во поранешната воздухопловна база во близина на Кричев, околу 307 километри источно од Минск.
Забрзан проект
Според нив, снимките од „Планет Лабс“ прикажуваат забрзан градежен проект што започнал помеѓу 4 и 12 август и содржи карактеристики типични за руските стратешки ракетни објекти.
Евелит истакнува дека еден „недвосмислен показател“ е видлив во видеото од 19 ноември, кое прикажува „точка за пренос на воена железничка пруга“ опкружена со безбедносна ограда, до која ракети, мобилни лансери и друга опрема можат да се достават со воз.
Russia likely deployed nuclear-capable hypersonic Oreshnik ballistic missiles at a former airbase near Krichev in eastern Belarus, researchers Jeffrey Lewis and Decker Eveleth concluded with 90% certainty from Planet Labs satellite images showing rapid construction since August,… pic.twitter.com/hp4gIoBeYZ
— Aleksandar Djokic (Александар Джокич) (@polidemitolog) December 28, 2025
Што е „Орешник“?
„Орешник“ е новата хиперсонична балистичка ракета на Русија способна да носи нуклеарни боеви глави, која Москва ја промовира како одговор на западните системи за ракетна одбрана. Според достапните проценки на западните воени аналитичари и експерти за нуклеарно оружје, тоа е мобилен систем со долг дострел кој, поради својата екстремна брзина и непредвидлива траекторија, се смета за исклучително тежок за пресретнување.
Неговото распоредување во Белорусија е особено чувствително бидејќи ги приближува ракетите со нуклеарна моќ до границите на НАТО, го скратува времето на предупредување во случај на напад и дополнително го зголемува ризикот од ескалација во време кога односите меѓу Русија и Западот се веќе на најниско ниво од крајот на Студената војна, предупредуваат аналитичарите од американските и европските безбедносни кругови.