Од СДСМ велат дека криминалната власт на Христијан Мицкоски откако ги постави своите судии, со нарачани судски пресуди почна со репресијата врз функционерите на СДСМ.
„Како што најавивме, ги поставија своите судии и обвинители и тргнаа. Нема повеќе независно судство ниту независно обвинителство. Сѐ ставија во своите канџи. По носењето Декрет и забраната за слобода на говор со предавничката Резолуција гледаме нарачани судски пресуди и законски казни за функционерите на СДСМ, како што денеска е осуден поранешен директор на затворот Филип Андонов и член на Извршниот одбор на партијата. ВМРО-ЗНАМ ја активираа последната фаза од својата кампања – фазата на репресија и политички прогон“, велат од СДСМ.
Социјалдемократите велат дека на објавените скандали, пријави за криминал и корупција до сега никој не реагира, и дека сега лесно и брзо носат пресуди, затоа што така им е наредено.
„Додека вистинските криминалци од власта на ВМРО и ЗНАМ се богатат преку криминални тендери, се обидуваат да ја запрат нашата борба со нарачани судски пресуди и политички прогон. Нема да ја запрат нашата борба. Нема да нѐ запрат ниту тие, ниту оние што одвнатре ја подриваат партијата“, порачуваат од СДСМ.