Македонската ракометна репрезентација во позитивна атмосфера го дочекува стартот на Европското првенство 2026, а една од пораките што доминираат во таборот е дека нема простор за калкулации. „На едно вакво ЕП нема штедење, одиме на сите мечеви по добар резултат“, порача репрезентативецот Самоил Ристевски, во пресрет на првиот дуел на шампионатот.
Македонија денес на 16 јануари, го почнува настапот против домаќинот Данска во Хернинг, во групата Б, каде што се уште Португалија и Романија. Данците, како домаќини и актуелни светски шампиони, се поставени како јасен фаворит, но Ристевски вели дека токму тоа е дополнителен мотив Македонија да оди со максимален пристап, без оглед на реномето на противникот.
„Нашата цел е секогаш да бидеме на високо ниво и секоја година да бидеме дел од големите ракометни натпреварувања. Во селекцијата на Данска играат најдобрите ракометари во светот, имаат малку слаби страни, секако дека повеќето им се добри. Ние се подготвуваме и анализираме со цел да ги искористиме тие нивни послаби страни и ќе се обидеме да го дадеме максимумот“, истакна Ристевски.
Пораката што ја испраќа репрезентацијата е едноставна: Македонија нема да оди на „чување сили“ за следните мечеви, туку секој натпревар ќе го третира како шанса за резултат, без разлика дали на другата страна е фаворит или ривал по мера. Во група со високо темпо и силни селекции, тоа е единствениот реален начин да се остане во игра и да се создаде притисок уште од првото фрлање.