Европската демократска партија (ЕДП), предводена од Аријанит Хоџа, соопшти дека влегува во процес на спојување со Демократската унија за интеграција (ДУИ) на Али Ахмети. Одлуката е донесена на Централното собрание на ЕДП, откако партијата ја разгледала поканата на ДУИ за „обединување на политичките сили“ и оценила дека моментот е важен за поголема консолидација на албанскиот политички блок во земјава.
Во соопштението на ЕДП се наведува дека партијата гледа простор за обединување „во рамките на политичка партија што ќе продолжи да биде главен глас на Албанците во Северна Македонија“, особено по Конгресот на ДУИ, кадровските промени и резолуциите што биле усвоени. Централното собрание го овластило Хоџа да ги продолжи разговорите со Ахмети и да се најде „најдобра форма и модел“ за заокружување на процесот.
Оваа одлука доаѓа по јавниот повик што Генералниот совет на ДУИ го упати на 14 јануари до партии и поединци „блиски до визијата“ на ДУИ, со порака дека партијата останува отворена за инкорпорирање и „апсорбирање“ на интелектуални и политички капацитети. Во тој политички амбиент, дел од албанските партии што соработувале со ДУИ испратија различни сигнали: Арбен Таравари порача дека неговата партија нема намера да се „претопи“ во ДУИ, иако ја остава отворена можноста за соработка, додека од Движењето „Народ“ на Скендер Реџепи–Зејди нагласија дека ќе останат автономен субјект, но ќе продолжат како коалициски партнер.
За ЕДП, спојувањето со ДУИ е и формализирање на политичка линија што веќе постои: партијата на Хоџа беше дел од „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ пред парламентарните избори во 2024 година и настапуваше во коалициски аранжмани со ДУИ и на последните локални избори. Хоџа, пак, во јавноста е познат по политичките трансфери низ албанскиот партиски спектар и по владиното искуство како поранешен министер за земјоделство во периодот кога Беса влезе во коалиција со СДСМ.
Клучното прашање што останува отворено е како практично ќе изгледа „моделот“ на спојување: дали ќе биде чисто организациско интегрирање или ќе вклучи и кадровско позиционирање на ЕДП во партиските органи на ДУИ. Дел од медиумите веќе објавија дека разговорите се во завршна фаза и дека се очекува претставници на ЕДП да добијат место во структурите на ДУИ, но засега официјално е потврдено само дека процесот продолжува низ преговори.