Потпретседателот на СДСМ, Александар Трајановски, оцени дека лидерската средба чија главна цел била укинување на техничката влада не претставува суштински политички дијалог, туку обид однапред да се легитимира сценарио на власта. Во гостување на телевизија Алсат, Трајановски порача дека СДСМ свесно одлучил да не учествува на средбата, затоа што, како што рече, партијата нема намера да биде „алиби“ за потег што ја менува изборната рамнотежа во корист на владејачкото мнозинство.
Според него, државата не е подготвена за укинување на техничката влада, а власта не покажала демократска зрелост што би гарантирала фер изборен процес без заштитните механизми што техничкиот модел ги предвидува. Како пример ги посочи последните локални избори, тврдејќи дека тогаш се вршеле сериозни притисоци, особено во вториот круг и најмногу во помалите средини, при што акцент стави на улогата на Министерството за внатрешни работи.
Трајановски потсети дека техничката влада била воведена со широк политички консензус и со поддршка од Европската Унија, со цел да се обезбедат регуларни избори и да се намали можноста за злоупотреба на институциите во кампањата. Во тој контекст, тој ги издвојува ресорите што традиционално се сметаат за најосетливи во изборен период, посочувајќи дека токму таму, преку административни одлуки и контролни механизми, најчесто се создава притисок врз граѓаните – било преку социјални трансфери, земјоделски субвенции или полициско присуство и постапување.
Иако укинувањето формално може да се изгласа со парламентарно мнозинство, Трајановски оцени дека таков чекор би бил директен удар врз демократијата и би ја намалил контролата врз институциите во изборна година. Во истата линија, тој ја спореди оваа иницијатива со, како што рече, други потези што ја стеснуваат улогата на опозицијата во Собранието, алудирајќи на резолуции и практики што, според СДСМ, водат кон политичко „замолчување“.