Под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, истражители од Истражниот центар при обвинителството, со асистенција на МВР, извршиле претреси на 16 локации низ државата во рамки на финансиска истрага во која се осомничени вкупно 20 лица. Според обвинителството, при претресите биле пронајдени и привремено одземени фиктивна документација, парични средства, оружје и лажни печати од правни лица, а осомничените се обезбедени.
Обвинителството соопшти дека отворило предмет по постапување на Истражниот центар и Управата за финансиско разузнавање, по известување од Агенцијата за национална безбедност, при што биле обезбедени докази за основано сомнение за кривични дела од финансиска природа. Според досегашните наоди, осомничените го оштетиле државниот буџет за 297.733.844 денари, односно околу 4,8 милиони евра.
Како првоосомничен е посочен српски државјанин, сопственик и управител на две правни лица, кој заедно со двајца службеници од УЈП – Регионална дирекција Скопје, во текот на 2023 година формирал група за, како што се наведува, даночно затајување, даночна измама, перење пари и злоупотреба на службена положба. Во периодот 2023–2025 година, според обвинителството, во групата биле вклучени и други сопственици, управители и вработени во правни лица во Скопје и Гевгелија.
Во образложението се наведува дека првоосомничениот, со прикажување неточни податоци во даночни пријави и со помош од даночни службеници, во 2023–2024 година избегнал плаќање данок во износ од 11.593.403 денари. Дополнително, други осомничени сопственици и управители поднесувале лажни пријави за неосновано враќање данок за нерезидентни правни лица, што, според обвинителството, било одобрувано од осомничени вработени во УЈП, со штета од 31.175.168 денари.
Паралелно, дел од осомничените, според истрагата, вршеле трансфер и подигање парични средства со цел прикривање на потеклото на пари прибавени со кривични дела, во вкупен износ од 91.985.197 денари. Обвинителството посочи и дека досегашните докази упатуваат оти осомничени вработени во УЈП – Регионална дирекција Скопје, меѓу кои и лица на високи раководни позиции, со повеќекратни злоупотреби нанеле вкупна штета на Буџетот на РСМ од најмалку 162.980.076 денари.
Во однос на мерките, јавниот обвинител оценил дека се исполнети услови за притвор за десет осомничени: за осум лица е доставен предлог до судија на претходна постапка, додека за две лица притвор веќе бил определен во друг предмет поврзан со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. За останатите десет осомничени предложени се мерки за обезбедување присуство, меѓу кои и забрана за вршење работни активности поврзани со кривичните дела и забрана за извршување службени должности во УЈП.