По три години, згасна ЈФА во Бунарџик: пропадна 30-милионската најава

Странската инвестиција „ЈФА Аутомотив Сејфти Северна Македонија“, најавувана како заеднички проект на американската ARC Automotive и кинеската Yanfeng за производство на инфлатори за воздушни перничиња, е избришана по пат на ликвидација и веќе не постои, по повеќе од три години без старт на производството.

Компанијата требаше да гради и да работи во ТИРЗ Скопје 1, како надоврзување на постојниот капацитет на ARC Automotive во Бунарџик. Најавите од 2022 година беа дека станува збор за инвестиција од 30 милиони евра и отворање над 100 работни места, со производство на компоненти за автомобилската индустрија наменети за европскиот пазар.

Проектот формално влезе во Македонија во летото 2022 година, кога беше регистрирана новата фирма „ЈФА Аутомотив Сејфти Северна Македонија“ како друштво со ограничена одговорност, со сопственост поделена меѓу Yanfeng и ARC Automotive. Во јавноста тогаш беше претставен како „joint venture“ што треба да донесе нова фаза во развојот на безбедносните компоненти за возила во зоната.

Неколку месеци подоцна, во октомври 2022, компаниите и институциите ја промовираа „основачката церемонија“ и официјалниот старт на заедничкото вложување под брендот YFA Automotive Safety, со план за дополнително вработување во следните години и со фокус на европските производители на автомобили.

Случајот е значаен и поради поширокиот контекст: ARC Automotive е меѓу постарите и поголеми индустриски инвеститори во зоната, присутна од 2015 година. Токму затоа најавата за „втора линија“ преку заедничко вложување со голем глобален добавувач звучеше како логично проширување на веќе воспоставен синџир на производство.

Со ликвидацијата, во фокус повторно доаѓа прашањето што точно се случува меѓу свечените најави и реалната индустриска испорака: дали проектот останал заглавен во фаза на организација и опрема, дали се смениле деловните приоритети на партнерите или, пак, станало збор за модел што не издржал на пазарните и регулаторните услови. Она што засега е јасно е дека најавениот погон не стигна до производствена фаза, а правното лице преку кое требаше да се реализира инвестицијата е затворено.

Извори: Фактор,

Зачлени се на нашиот е-билтен