Киев повторно влегува во најтешката енергетска зима од почетокот на руската инвазија, со долгi прекини на струја и проблеми со греењето, додека на југоистокот расте загриженоста за безбедноста на нуклеарната централа Запорожје поради оштетен далекувод што треба да се поправи под „локализирано примирје“.
Градоначалникот Виталиј Кличко изјави дека Киев добива само околу половина од електричната енергија што ѝ е потребна на метрополата, а дел од жителите остануваат без струја и по 18 до 20 часа дневно, во услови на силни минусни температури. Тој посочи дека по еден од последните удари греењето било прекинато за околу 6.000 станбени згради, при што дел од објектите и натаму остануваат без топлина, а градот отвора пунктови за затоплување и работи на децентрализирани мини-станици за енергија и греење.
Украинскиот оператор „Укренерго“ претходно соопшти дека по ноќни напади биле воведени итни рестрикции во Киев и повеќе региони, што ја потврдува сликата за систем кој тешко ја апсорбира акумулираната штета од повторуваните удари врз енергетската инфраструктура.
Паралелно со кризата во главниот град, во фокус повторно е Запорожје – најголемата нуклеарна централа во Европа, која не произведува струја, но зависи од надворешно напојување за ладење и безбедно одржување на системите. Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека Русија и Украина договориле локализирано, привремено примирје за да се овозможат поправки на последниот резервен далекувод, оштетен и исклучен по воени дејствија на 2 јануари.
Во вакви услови, претседателот Володимир Зеленски предупреди дека, според разузнавачки информации, Русија подготвува „нов масовен удар“ – со комбинација од дронови за исцрпување на ПВО и ракети, со цел да се искористи студот и да се зголеми притисокот врз цивилната инфраструктура.
Американската агенција АП објави дека во еден од последните бранови напади биле користени речиси 300 дронови, балистички и крстосувачки ракети, насочени кон повеќе региони, при што ударите врз енергетската мрежа се толкуваат како обид „зимата да се претвори во оружје“ преку прекини на струја, греење и основни услуги.