Нови Сад: „Власта е минлива, правото трајно“ – илјадници на протест

Попладнево и вечерва, протест во Нови Сад повторно го наполни Плоштадот на слободата, каде илјадници студенти и граѓани се собраа под мотото „Што значи победа?“. Настанот го организираа студентите кои, според организаторите, повеќе од една година ги блокираат факултетите на Универзитетот во Нови Сад, со порака дека не отстапуваат од барањата за функционални институции и правна држава.

На собирот доминираше јазикот на „терапија“ по дијагнозата што, како што кажаа студентите, одамна е поставена: систем што не казнува корупција и немар, туку ги штити оние „на врвот“. Еден од говорниците побара лустрација насочена кон носителите на моќ кои ја злоупотребиле позицијата, како предуслов за обновување на уништената правна држава.

Во фокусот беше и правната фела. Адвокатката Тања Арсиќ порача дека молкот завршил и дека адвокатите ќе стојат до студентите „додека правдата не биде истерана до крај“, потсетувајќи дека, според неа, се случил преседан со заеднички протест на судии, обвинители и адвокати. Клучната реченица што ја обележа атмосферата беше: „Ќе се бориме додека не добиеме држава во која власта е минлива, а правото трајно.“

Професорката Јелена Клеут од Филозофскиот факултет ја врати приказната на 1 ноември, денот што во Србија остана симбол за трагедијата и одговорноста. Таа потсети дека протестниот бран почнал по несреќата во Нови Сад, кога, како што кажа, „немарот и корупцијата“ однеле 16 животи, а потоа се надоврзале насилството, притисоците и таргетирањата во таблоиди, како и заплашувањата од безбедносни структури.

Организаторите наведоа дека собирот бил замислен како локален, симболичен протест, без масовни гостувања од други градови, со времетраење од околу еден до еден и пол час. Локалните медиуми, пак, известија за засилено полициско присуство во реонот на Градската куќа и околината, што стана речиси редовен декор на јавните собирања во изминатиот период.

Во поширок контекст, движењето што избувна по трагедијата во Нови Сад одамна ги надмина универзитетските рамки: низ Србија се одржуваат собири, кампањи и потписи со барања за одговорност и политички промени, а студентите сè почесто ја спомнуваат и идејата за вонредни парламентарни избори како тест за тоа дали системот воопшто може да се „ресетира“ по институционален пат.

Зачлени се на нашиот е-билтен