Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи преку видео порака ги пренесе импресиите од Самитот на европската политичка заедница кој се одржа во Кишињев, Молдавија, но и очекувањата на главните политички чинители во ЕУ, кои од Северна Македонија очекуваат максимална одговорност за државничката одлука што треба да ја донесеме во наредниот период со измените на нашиот Устав како значаен чекор за просперитет и за европска иднина на сите македонски граѓани.
„Енергетските предизвици се заеднички – наши, на регионот, на Европа. Нивното решавање бара заеднички пристап, заедничко планирање и заеднички акции. Токму затоа се обединуваме низ механизмите како што е Европската политичка заедница – сите заедно, за да постигнеме енергетска транзиција, за да обезбедиме проширување на Унијата, за да ги одбраниме европските демократии од агресиите со кои се соочуваат“, истакнува во својата порака вицепремиерот Битиќи.
Тој посочува дека заедно со премиерот Ковачевски на Самитот на шефови на држави и влади на Европска политичка заедница која што се одржа во Кишињев во Молдавија, пред 47 лидери, пред најширокиот европски форум биле пренесени искуства и мерките на Северна Македонија за справувавње со енергетската криза и кои нѐ позиционираа како регионален центар на зелена енергија, но и како лидери во енергетската диверзификација и трансформација.
Битиќи нагласува дека средбите во Кишињев беа платформа за окрупнување и засилување на поддршката која ја добиваме од цела Европа за нашите следни чекори за членство во Европската Унија.Макрон, Шолц, Фон Дер Лајен, Мишел, Мецола, Зеленски, Рама, Вучиќ, Милатовиќ и многу други. Сите нѝ оддаваат признание за постигнатото досега и за тоа што сме пример за земја која изолацијата ја замени со напредок, вели Битиќи.
„И сега, сите наши европски пријатели очекуваат од нас максимална одговорност за државничката одлука што треба да ја донесеме во наредниот период со измените на нашиот Устав. Заеднички е ставот на сите наши пријатели дека со тоа ќе направиме уште еден значаен чекор за просперитет и за европска иднина на сите македонски граѓани“, истакнува заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи во видео пораката за импресиите од Самитот на европската политичка заедница кој се одржа во Кишињев, и потенцира дека „нашата иднина е во ЕУ, друга алтернатива немаме и нема да имаме. Ние сме во моментов на најдобриот и најбрзиот пат до она што нашиот народ го заслужува, а тоа е просперитет, благосостојба и сигурна иднина. Европа е нашиот дом“.