Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Пендаровски за РСЕ: Указите што ги потпишав не се однесуваат на Договорот со Бехтел и Енка

Прашан дали проширувањето во ЕУ ќе земе замав заради геополитичкиот момент со војната во Украина, Пендаровски во интервјуто за Радио Слободна Европа вели дека не верува во нови форми на асоцирање и членување во ЕУ, нагласувајќи дека македонските граѓани се заморени од нови методи според кои треба да се приклучиме кон ЕУ.

Указите што ги потпишав не се однесуваат на договорот меѓу Владата и „Бехтел-Енка“, ниту пак се однесуваат на составот на Надзорниот одбор кој треба да ја надгледува изградбата на автопатите околу чија што структура се појавија неколку издржани критики во јавноста, вели претседателот на државата Стево Пендаровски во интервју за „Радио Слободна Европа“.

Во однос на информациите дека со потпишувањето на указите, сакал да добие политичка поддршка од владејачката коалиција за втор претседателски мандат, Пендаровски нагласува дека потпишаните укази се однесуваат исклучиво на содржината на петте закони и дека тоа нема никаква врска со ниту едно друго политичко или правно прашање.

Пендаровски појаснува дека главната причина зошто го потпишал Указот за Законот за работни односи е тоа што во него не постои одредба за 60-часовна работна недела. 

– Пред пакетот закони воопшто да влезе во Парламентот предупредив на можноста во измените на Законот за работни односи да стои одредба за 60-часовна работна недела и во таков случај сигурно немаше да го потпишам указот затоа што минатата година Уставниот суд веќе ја прогласи за неуставна таа одредба во тогашните измени на истиот закон, вели Пендаровски.

Прашан дали проширувањето во ЕУ ќе земе замав заради геополитичкиот момент со војната во Украина, Пендаровски вели дека не верува во нови форми на асоцирање и членување во ЕУ, нагласувајќи дека македонските граѓани се заморени од нови методи според кои треба да се приклучиме кон ЕУ.

– Францускиот претседател Макрон пред три години побара нова методологија, која тврдеше дека ќе биде поефикасна и далеку покуса. Велеше како ќе напредувате кластер по кластер веднаш ќе чувствувате придобивки под членство, нема да чекате до последен момент кога ќе станете полноправна членка. За жал, до овој момент и двете држави од Западен Балкан, Србија и Црна Гора кои се во процес на преговори повеќе од деценија, не почнале практично преговори во новата методологија. Не ни се потребни нови форми на соработка во тоа поле за да станеме членка на ЕУ еден ден, посочува Пендаровски.

Смета дека има моментум во проширувањето, но спорна за него е позадината на тој моментум, односно мотивацијата. Не би сакал, вели Пендаровски, да видам моментум за приклучување на Западен Балкан, вклучително и на Македонија во Европа, само затоа што има војна некаде на континентот.

– Ако дадете статус на кандидат на Украина, на Молдавија и на Босна и Херцеговина со одредени условувања, имено заради војната во Украина, моето прашање до европските званичници е што ќе се случи кога, дај боже утре, престане војната во Украина? Ако треба да чекаме војна на континентот, вам да ви текне Западниот Балкан и дел од таканареченото источно партнерство треба по децении чекање формално да стане дел од ЕУ, се плашам дека тој тип на резонирање не бил никогаш карактеристичен за ЕУ. Тој тип на геостратешко резонирање, безбедносни закани, војни, нови хибридни закани, е специфика на НАТО. ЕУ секогаш низ историјата имала сосема поинаков профил на критериуми низ кој ги проценувала потенцијалните членки. И ако почнете да наликувате на НАТО алијансата, што правиме ако таа војна запре со примирје. Ќе го изгубиме моментумот?, вели претседателот на државата.

Прашан колку Русија е вмешана во спорот со Бугарија, Пендаровски со став дека не верува и да има руско влијание, дека тоа не е толку доминантно во нарацијата која бугарските влади ја спроведуваат кон нас. 

– Мојот впечаток е дека во позадината на тој спор станува збор за дебели историски наслаги на бугарска страна. Нивната реторика во изминативе 2-3 години не се разликува од реториката и кога сме биле дел од Југославија и пред 30 и пред 50 години, вели Пендаровски.

Во однос на случувањата на северот на Косово, Пендаровски со оценка дека силите на Алијансата кои, како што посочува ќе бидат засилени, се доволни да не дозволат прелевање на нестабилноста во останатите делови на Косово и во регионот. 

– Како членка на НАТО ја следиме директно. И како членка на Алијансата, која има свои војници на Косово. Нашите војници не се на северот на Косово распоредени, меѓутоа имаме 65 војници таму. Имаме намера да останеме и во догледна иднина да го зголемиме тој контингент и заеднички придонесуваме во сигурноста на регионот. Ако ние придонесуваме за стабилноста на Косово, со кое сме директни соседи, придонесуваме и за нашата стабилност и безбедност. Проценките на Алијансата се дека таму состојбите одвреме навреме доаѓале и ќе доаѓаат до точка на вриење, на северот на косово, меѓутоа силите на Алијансата, кои во меѓувреме ќе бидат засилени, со дополнителна бројка на војници, се доволни да не дозволат прелевање на нестабилноста ниту во останатите делови на Косово, не само на северот, значи да останат локализирани. А уште помалку да се прелеат кај нас или во некои други делови во регионот, вели Пендаровски. 

Зачлени се на нашиот е-билтен