На последниот 35-ти Јубилеен фестивал на современа манга уметност во Саитама Сити во Јапонија, кој заврши деновиве, како претставник од Македонија беше претставен македонскиот стрип автор Златко Крстевски со две оригинални дела работени во техника акрил и кинески туш.
Посебно внимание на изложбата предизвика „Македонскиот Ангел“ на Крстевски, во селектираната програма за која од артистите се бараше да ги претставата своите визии за глобални геополитички согледувања, за мирот и иднината на светот.
Уникатните интерпретации од разни уметници од светот, коишто ја рефлектираат новата геополитичка ситуација беа изложени во музејот „Картун Арт“ во рамките на меѓународниот фестивал. Куратор на изложбата е Такуџиро Абе. На стрип фестивалот во Саитама Сити учествуваа артисти од над 30тина земји како Израел, Франција, Египет, Кина, Тајланд и др.
За изложбата е пибликуван специјална двојазична Антологија со биографски референци на авторите и со увод на градоначалникот на Саитама Сити, Хајато Шимицу.
– За мене инспирација за ова дело беше фреската со лице на Ангел од с. Манастир прилепско, како единствен средновековен мировен симбол од овие простори кој со својата исконска магија на глобално ниво би требало да зрачи со позитивни зраци како митско и византиско суштество од овие македонски и византиски простори рефлектирајќи го културниот идентитет, вели по повод своето претставување во Јапонија македнскиот стрип артист Златко Крстевски.
Златко Крстевски е еден од ретките македонски стрип уметници, соработник на неколку меѓународни антологии и една од движечките сили зад уметничката сцена во Прилеп. Освен со стрип, тој е и сликар кој се претставувал на повеќе изложби во земјата и регионот.
Роден во 1969 година во Прилеп, Златко Крстевски дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, каде што студирал сликарство. Крстевски е движечката сила зад фестивалот за мејл стрип во Прилеп и уредник на неколку публикации поврзани со стрипови на центарот Визант. Покрај тоа, Крстевски е активен како куратор на меѓународни изложби на визуелна уметност и е автор и фотограф на четири книги за културното наследство на Прилеп.