Градот Скопје го објави првиот јавен повик за културно-уметнички проекти што треба да влезат во официјалната програма „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, со вкупен буџет од 300.000 евра и рок за пријавување до 29 март 2026 година. Повикот е најавен како меѓународен и предвидува проектите да се реализираат низ целата територија на градот и во сите десет општини, и во институции и во јавен простор.
Титулата „Европска престолнина на културата“ не е само календарска чест, туку европски механизам преку кој културата треба да стане мотор за развој, видливост и „промена на сликата“ за градот – од нова енергија во локалната сцена, до туристички и економски ефекти. Според Европска комисија, програмата се развива од 1985 година и досега ја носеле повеќе од 60 градови во Европска Унија и пошироко.
За Скопје, европскиот процес трае со години: градот беше препорачан за титулата во септември 2023 година, а во официјалните мониторинг-документи на ЕУ се наведува дека номинацијата од Европска комисија следела во јануари 2025 година. Тоа значи дека „2028“ не е само година за настани, туку тест за институционален капацитет: планирање, партнерства, мерливи ефекти, транспарентност и управување „на должина од рака“ од дневната политика.
Во самиот повик се нагласува токму тој модел на управување: реализацијата ја води независно „delivery body“ тело формирано од Град Скопје, со најавена независност од политичко влијание, транспарентност и стандарди што се очекуваат од европските културни програми.
Парите, меѓутоа, го покажуваат и реалниот стартен обем на овој циклус. Вкупниот фонд е 300.000 евра, со максимален износ што може да се побара по проект до 50.000 евра, а во рамки на правилата е предвидено и минимум 10% кофинансирање од апликантот (вклучително и „in-kind“ придонеси како волонтерска работа, опрема или простор). Плаќањето е структурирано во три транши: 40% по потпис на договор, 40% по одобрен меѓуизвештај и 20% по финален извештај. Овие бројки го прават повикот доволно голем за сериозни продукциски интервенции, но и доволно „тенок“ за да се види дека ова е прв слој од подготовките, а не конечната финансиска архитектура за 2028.
Повикот е отворен за широк спектар апликанти: невладини организации, културни институции, уметнички колективи, индивидуални уметници и креативни професионалци, како и образовни и истражувачки институции, со можност за меѓународни партнерства. Клучниот филтер не е државјанството, туку легално живеалиште во Европа (со наведени земји вклучително и дел од Западен Балкан, како и други наведени држави), плус услов апликантот да е полнолетен и професионално активен во релевантна област. Дополнително, секој апликант може да поднесе само еден проект, иако може да се јави како партнер во други.
Тематски, „Скопје 2028“ се води по мотото „Култура над поделба“, а повикот е структуриран околу пет столба: Art4Hope, Togetherness, rECOvering, CreARTing и Heritage. Во практична смисла, тоа значи дека проектите мора да покажат европска димензија и соработка, учество на граѓани и публика, иновација, одржливост и културна разновидност – не како декларација, туку како мерливи елементи што ќе се оценуваат.
Од друга страна, правилата јасно поставуваат што не се бара. Нема место за проекти што се примарно комерцијални или профитно ориентирани, за активности што би личеле на политичка кампања или „експлицитно политичко порачање“, ниту за лобирање и притисок врз оценувачите. Не се финансира инфраструктура, купување недвижности или возила, ниту ретроактивно покривање веќе завршени активности. Во ист пакет доаѓа и обврската за етика, човекови права, недискриминација и пристапност за лица со попреченост, како и еколошки практики.
Селекцијата се најавува како „arm’s-length“ културна евалуација – со национални и меѓународни експерти – и со бодовен систем. Критериумите вклучуваат релевантност за целите на „Европска престолнина на културата“ и програмата на Skopje 2028, уметничка релевантност, капацитет за имплементација (буџет, одржливост, пристапност), подготовка, очекуван ефект, одржливост и докази за партнерства и кофинансирање. Во превод: нема да биде доволно проектот да е „добра идеја“ – ќе мора да биде и изводлив, европски вмрежен и отчетен.
Роковите се релативно кратки за сцена што често работи во последен момент. Повикот е објавен на 1 февруари 2026, пријавувањето завршува на 29 март 2026 во 23:59 по CET, евалуацијата е предвидена од 10 до 30 април, а договорите треба да се склучуваат во мај-јуни 2026. Проектите можат да се реализираат во периодот 2026–2028, при што „физичкото присуство/резиденција“ во Скопје е рамкирано со опсег 7–60 работни денови, со дополнителни под-правила за индивидуалци и групи.
Аплицирањето оди преку онлајн формулар, а апликацијата мора да биде на англиски јазик. Се бараат основни документи (идентификација, доказ за легално живеалиште, кратко CV и портфолио, а за европски партнерства – покана/писмо), што практично ја крева летвичката за подготовка, но истовремено ја намалува можноста за импровизација и „проектни фантоми“. За дополнителни информации, во документот се наведени контакт-точки во Град Скопје, со име и директни контакти.