Кога министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вели дека „зголемувањето на пензиите со политичка одлука“ и барањето за минимална плата се „различни работи“, таа всушност ја отвора најнепријатната дилема: зошто државата има право да биде „политичка“ кога се работи за пензионерите, а одеднаш станува „набљудувач“ кога се работи за работниците? И уште поважно – зошто пензионерите во таа логика се сведени на буџетска ставка и изборна математика, наместо на граѓани со стекнати права?
Во интервјуто за „360 степени“, министерката директно ја брани линеарната интервенција со аргумент дека тоа било предизборно ветување „што го гласало мнозинството“, па граѓаните „поддржале таков предлог“. Во превод: политиката станува оправдување сама по себе, а изборниот резултат – алиби за отстапување од системските правила. Тоа е точката каде што настапот почнува да делува без сенс кон пензионерите: тие не се третираат како луѓе што со децении плаќале придонеси и имаат предвидлив механизам на усогласување, туку како група врз која може да се „крои“ јавна политика со краток рок и силна пропагандна корист.
Но токму тука министерката влегува во контрадикција со самата правна архитектура на пензискиот систем. Законот за пензиско и инвалидско осигурување предвидува редовно усогласување на старосната пензија со формула што ја врзува пензијата и со инфлацијата и со растот на просечно исплатената плата (50%–50%), и тоа двапати годишно – од 1 јануари и од 1 јули. Значи, пензиите не се „куп“ што Владата го распределува по желба, туку право што се одржува преку јасно правило.
Затоа звучи цинично кога министерката се повикува на законот за минимална плата како на причина Владата да не се меша, а паралелно признава дека кај пензиите имало „постоечки закон што предвидуваше како се прави усогласување“, но сепак се одело линеарно затоа што тоа било ветување. Со таа логика, правната држава станува селективна: законот е „свет“ кога се работи за работниците, а „флексибилен“ кога се работи за пензионерите – затоа што е политички корисно.
Уште една реченица од интервјуто ја открива суштината на овој пристап: „Кај пензионерите, ние не го зголемуваме купот… вкупниот износ на пензии коишто ги даваме не ги променивме… начинот како ги префрламе средствата.“ Ова е технократски јазик што личи на сметководство, не на јавна политика со човечка мерка. Ако „купот“ не се менува, тогаш или се признава дека линеарното покачување е чиста распределба во рамки на ист ресурс, или се признава дека државата сака да ја добие политичката слика на „помош за сите“, без да ја изговори фискалната цена и без да ја отвори дебатата за правичноста меѓу различните групи пензионери. Во секој случај, пензионерите се третираат како материјал за наратив, не како субјекти на право.
Паралелно, на улица и пред институциите, Сојузот на синдикатите на Македонија бара минимална плата од 600 евра и раст на другите плати. Дел од аргументот на синдикатите е дека работниците не може да живеат со сегашното ниво и дека државата мора да престане да се крие зад „процедури“ и „дијалог“ додека животот поскапува.
Од друга страна, премиерот Мицкоски јавно порачува дека за минималната плата „треба да се договорат работниците и работодавачите“ и дека Владата е „само фасилитатор“ во рамки на Економско-социјалниот совет. Тоа е политички комотно позиционирање: државата се претставува како арбитер без одговорност, иако токму државата ги поставува правилата, ја крои даночната политика, ги носи субвенциите, ги договорува јавните плати и управува со најголемиот буџет во земјата.
Министерката дополнително ја заострува линијата кога вели: Владата може да ги покрива платите на администрацијата, но „тука зборуваме за приватен сектор“, па затоа „не можеме да ги мешаме работите“. Истовремено, истото интервју содржи речиси апсурдна ограда: на прашањето што би изгубила Владата ако работодавачите го покријат нето-зголемувањето, а државата привремено ги покрие придонесите за разликата, таа одговара дека „таа, а и буџетот не би изгубиле ништо“, но упатува да се праша Владата и Министерството за економија и труд. Значи, финансиското министерство вели дека нема фискална штета – но одбива да ја преземе политичката одлука.
Токму во оваа шема се гледа „без сенсот“ кон пензионерите: кај нив државата се поставува како активен играч што менува правила со политички аргументи и со изборна легитимација; кај работниците државата се повлекува и глуми неутралност; а потоа и едните и другите ги сведува на буџетски категории – „дел од буџетот“ – наместо на луѓе со достоинство и предвидливост.
Во нормална социјална држава, прашањето не е дали пензиите и минималната плата се „исти“ или „различни“. Прашањето е дали државата применува ист критериум на правичност и ист стандард на транспарентност. Ако може да се признае дека пензиското усогласување е уредено со закон, тогаш политичката интервенција мора да биде образложена како исклучок, со цена, ефекти и рок. Ако може да се тврди дека Владата не се меша во минималната плата затоа што има закон, тогаш истиот принцип мора да важи и кога се работи за пензиите: закон, а не кампања.
Засега, пораката што ја испраќа министерката е поинаква: пензионерите се доволно „близу“ до буџетот за да се станат алатка на политика, а работниците се доволно „далеку“ за Владата да се прогласи за набљудувач. Најлошото е што и едните и другите во таа конструкција се третираат како бројки – купови, проценти, продуктивност – без јавна емпатија и без јасна одговорност кој ја носи одлуката, а кој само ја коментира.