Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во интервју за Македонското радио рече дека Преспанскиот договор, иако според неа бил спротивен на меѓународното и домашното право, денес е реалност. Сепак, нагласи таа, договорот го потврдува постоењето на македонскиот народ, јазик и култура.
Во интервјуто најмногу внимание посвети на евроинтеграциите и спорот со Бугарија. Таа ги отфрли критиките дека „им држи лекции“ на европските претставници, потенцирајќи дека само укажува на двојните стандарди и на потребата од почитување на Копенхашките критериуми и европските вредности.
– Водена од националниот интерес, но и од правото и правдата, само укажувам на неодржливоста на односот кон нас – изјави претседателката.
Сиљановска-Давкова се повика на Лисабонскиот договор, Повелбата за фундаментални права и практиката на Европскиот суд за човекови права, нагласувајќи дека Европската Унија мора да го почитува националниот и културниот идентитет на народите.
Според неа, прашањата за македонскиот јазик, историја и култура се затворени, а барањата за уставни измени кои не произлегуваат од европското acquis се несоодветни.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова изрази задоволство што дел од европските претставници, меѓу кои и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ја препознаваат потребата од гаранции за Македонија во евроинтегративниот процес.
Претседателката, две години по преземањето на функцијата, во интервјуто за Македонското радио, оцени дека нејзиниот мандат придонел за поголема меѓународна видливост на државата, зајакнување на интегритетот на институцијата и поблиска комуникација со граѓаните.
Таа истакна дека во изминатиот период се придвижиле повеќе процеси, нагласувајќи дека нејзината активност на меѓународната сцена е резултат и на долгогодишното искуство во европските институции, кое датира од 1996 година.
