Скопјанката Сања Николовска Најдовски преку објава на социјалните мрежи сподели вознемирувачко сведоштво за напад од глутница кучиња кој, како што наведува, се случил рано наутро на скопскиот кеј.
Според нејзиниот фејсбук статус, инцидентот се случил во вторникот, на 3 февруари, околу 4:30 часот, додека излегла да трча пред работа. Таа раскажува дека на дел од кејот, во близина на Палас, најпрво ѝ се приближиле неколку кучиња кои почнале да лаат, а набрзо им се придружиле уште десетина.
„Се обидов да ги избркам со викање, но не успеав. Едно од нив ме гризна, а другите ми го попречија патот. Во паника решив да трчам назад. Трчав и ме гризеа околу пет минути, сè додека не се сопнав и паднав“, пишува таа во објавата.
Николовска Најдовски наведува дека добила угризи на седум места по телото, по што случајот го пријавила во полиција. По интервенцијата на службите, била пренесена на Ургентен центар, а тетанус вакцина примила во болницата „8 Септември“.
Во својата објава таа апелира институциите системски да го решат проблемот со бездомните кучиња, посочувајќи дека по настанот чувствува страв да се движи сама низ градот.