Што е „Арктички стражар“ и зошто НАТО ја лансира оваа мисија?

Гренланд

„Арктички стражар“ е нова НАТО-активност што Алијансата ја стартуваше на 11 февруари 2026 година за Арктикот и т.н. Висок Север, со цел да ги обедини и координира сојузничките воени активности во регионот, вклучително и околу Гренланд, во време на засилена безбедносна конкуренција и политички тензии меѓу сојузниците.

Иако по назив звучи како класична операција, „Арктички стражар“ не е мисија со трајно распоредување сили под едно НАТО-обележје, туку рамка што им дава „целосна слика“ на планерите за тоа што сојузниците веќе прават во Арктикот и како тие активности да се вклопат во една поширока, усогласена оперативна поставеност. Во пракса, тоа значи дека национални вежби и распоредувања што и досега се случувале, сега се гледаат и се насочуваат преку заеднички план, за побрзо да се препознаат слабостите и да се пополнат безбедносните празнини.

Командната „точка“ на активноста е Заедничката команда на НАТО во Норфолк, во САД, а „Арктички стражар“ се води како засилена активност за будност што, според Алијансата, треба да го подобри надзорот и подготвеноста во простор кој е истовремено огромен, суров и стратешки критичен за врските меѓу Северна Америка и Европа. Во првата фаза се вклучуваат вежби како данската „Arctic Endurance“ на Гренланд и норвешките арктички маневри, а дел од сојузниците најавија конкретни придонеси, иако не се соопштуваат унифицирани бројки за сили и средства.

Зошто НАТО го прави ова токму сега? Од една страна, Алијансата посочува дека Русија значително ја зголемила воената активност во Арктикот, а Кина покажува сѐ поголем интерес за енергенси, критични минерали и морски рути. Од друга страна, климатските промени го менуваат оперативното опкружување и ги отвораат сезонските пловни правци, што ја зголемува и воената и економската тежина на регионот, но и ризиците поврзани со критичната инфраструктура и комуникациските линии.

Паралелно, „Арктички стражар“ се чита и како обид за спуштање на внатрешните тензии во НАТО што се разгореа по изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за Гренланд и по спорот што следеше меѓу сојузниците околу тоа како да се гарантира безбедноста на островот. НАТО-пораката е дека фокусот треба да се врати на заедничката одбрана, а не на меѓусојузнички конфликти, при што обединувањето на активностите под една команда треба да донесе поголема предвидливост и побрзо реагирање ако се појават инциденти или закани во регионот.

Зачлени се на нашиот е-билтен