По седум месеци од пожарот на депонија во Визбегово, Јавно обвинителство на Република Северна Македонија соопшти дека истрагата е завршена и е поднесено обвинение против три физички лица и едно правно лице за загрозување на животната средина со отпад, казниво според член 230 од Кривичниот законик.
Според обвинителството, во периодот од 28 февруари 2025 до 9 јули 2025 година, обвинетите незаконски оставале, собирале и управувале со опасен отпад на катастарска парцела во Визбегово, без соодветна дозвола од Министерство за животна средина и просторно планирање. Се наведува дека отпадот содржел супстанции со својства на експлозивност, запаливост, токсичност, канцерогеност и екотоксичност.
На 9 јули 2025 година на локацијата избувнал пожар кој, поради обемот и опасноста, не можел да се стави под контрола, а согорел дел од непрописно складираниот отпад. Во соопштението се нагласува дека тоа предизвикало масовно испуштање црн чад и значително загадување на воздухот, потврдено со мерења на Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана при Армија на Република Северна Македонија, како и дека незаконитите дејствија создале потенцијална опасност за животот и здравјето на луѓето.
Обвинителството информира дека со истрагата е утврдена одговорност кај сопственичка и управителка на обвинетото правно лице и кај второобвинет, кој, според описот, имал „особен придонес“ во работењето, при што дејствијата ги преземале заеднички и со умисла. Дополнително, обвинение е поднесено и против уште една сопственичка на друштвото и на парцелата, со образложение дека не била свесна за можноста да настапи штетна последица, иако, според околностите и нејзиното својство, била должна и можела да биде свесна.
Случајот повторно ја враќа фокус-точката на прашањата што најчесто остануваат зад чадот: кој дозволил опасен отпад да се натрупува без дозвола, колку често и како се контролираат ваквите локации, и дали институционалниот одговор ќе заврши само со една обвинителна постапка или ќе отвори и поширока одговорност за пропустите во надзорот.