Касами го трасира спојувањето во „Вреди“: Вечерва Беса го распушти Централното претседателство

На прашањето дали ќе биде претседател на новата заедничка партија, Касами одговори: „Не би сакал да кажам да или не. Сигурно дека доколку заеднички процениме дека јас би требало да преземам некоја обврска, јас сум подготвен.“

Централното собрание на Движење Беса со мнозинство гласови донесе одлука за распуштање на Централното претседателство, отворајќи го патот за спојување на повеќе политички субјекти во една партија Вреди (ВЛЕН). Одлуката била донесена по час и половина заседавање во седиштето на партијата во Тетово.

„Собранието на Движењето оцени дека треба да се отвори патот за структурирање на Вреди и ја донесе оваа одлука врз основа на мораториумот за партиски активности од страна на субјектите што го сочинуваат Вреди. Во оваа прилика Собранието ме овласти мене како претседател да продолжам со разговорите за иднината на Вреди, давајќи поддршка за спојувањето во еден субјект со решение што го почитува принципот на правда и го слуша гласот на волјата на гласачите на Вреди и сите Албанци“, истакна Билал Касами.

Касами најави и анализа на работата на функционерите на Беса во Владата.

„Анализата на работата на функционерите ќе продолжи во наредните денови, додека наодите ќе бидат одразени во идната реконструкција на Владата. Движењето Беса верува дека позициите во Владата се средства за наша најдобра и ефикасна служба на сите граѓани, особено Албанците“, рече тој.

На прашањето дали ќе биде претседател на новата заедничка партија, Касами одговори: „Не би сакал да кажам да или не. Сигурно дека доколку заеднички процениме дека јас би требало да преземам некоја обврска, јас сум подготвен.“

Во однос на составувањето на Владата, Касами посочи дека, иако мандатар е Христијан Мицкоски, „Беса одлучува кој министер ќе биде предложен од нејзина страна“.

Пред седницата се огласи и Фатмир Лимани, порачувајќи дека за неговата работа ќе судат резултатите.

„Работата која сум ја извршил за овие 16/17 месеци… тоа ќе одлучува“, рече Лимани, додавајќи дека не смее да се наруши структурата на ВЛЕН, бидејќи тоа би значело „враќање назад“.

Зачлени се на нашиот е-билтен