СДА Македонија го осудува примитивното однесување на Вучиќ кон Шекеринска

Вучиќ

Странка на демократска акција на Македонија (СДА Македонија) го осудува примитивното однесување на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кон Радмила Шекеринска, заменик-генерален секретар на НАТО, на маргините на Минхенската безбедносна конференција 2026 година.

Сметаме за важно да му се укаже на Александар Вучиќ, истакнуваат од СДА, “политичкиот син” на Воислав Шешељ, како и министер за пропаганда во времето на Слободан Милошевиќ, како директен актер во обидот за создавање на Голема Србија преку геноцид, војни и прекројување на границите на соседните држави, дека нема морално право било кого да обвинува за сецесија. Посебно не лажно, без аргументи и со извртување на тези да обвинува заменик-генерален секретар на НАТО, во случајот Радмила Шекеринска.

Примитивниот однос на претседателот на Србија кон заменик-генерален секретар на НАТО, не може да се смета за личен однос на Вучиќ кон Шекеринска. Тоа е однос на претседателот на Србија кон НАТО, но и негов однос кон позицијата на државата од каде што доаѓа заменик-генералниот секретар на НАТО, во случајот Република Северна Македонија.

Запрепастувачки е молкот на претседателката на државата, Гордана Силјановска – Давкова, како и молкот на Владата на Северна Македонија, на оваа провокација која доаѓа од авторитарниот лидер на Србија. Сметаме дека претседателката на државата Гордана Силјановска Давкова, како и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, треба да упатат реакција до претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со осуда за неговиот некоректен однос. Со тоа ќе се покаже нашиот конструктивен однос во НАТО, а и достоинствено ќе се одговори на примитивниот и понижувачки однос на Вучиќ кон НАТО, но и кон позициите на Северна Македонија.

Сериозно загрживачки е сервилниот однос на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ кон режимот на Вучиќ, со кој ги игнорираат сите навреди во изминатите две години кои доаѓаат од официјален Белград. Навреди со кои територијата на Северна Македонија се прогласува за Стара Србија, па се до последните напади на позициите на Северна Македонија, усогласени со НАТО.

Мнозинството граѓани на Република Северна Македонија се горди што нашата држава е дел од НАТО, кој преставува најголем безбедносен, демократски и економски сојуз во светот. Горди сме и што заменик-генерален секретар на НАТО доаѓа од Република Северна Македонија.

Зачлени се на нашиот е-билтен