Скромност наместо луксуз: Повеќе европски и светски лидери се грижат за парите на граѓаните и летаат со редовни комерцијални летови

Додека дел од светските лидери речиси исклучиво користат државни авиони, постојат премиери и претседатели кои од принцип, од политичка култура или од буџетски причини често или редовно летаат со редовни комерцијални линии. За нив, изборот на економичност и демонстрирање грижа за парите на граѓаните е дел од јавниот имиџ, но и од политичката порака. Некои земји во Европа немаат и никогаш немале државни авиони

Скандинавска традиција на умереност

Во нордиските земји, користењето редовни летови не е исклучок, туку честа пракса.

Во Норвешка, премиерите и министрите редовно патуваат со комерцијални линии за европски дестинации, особено кога станува збор за кратки службени патувања. Земјата располага со владини авиони, но нивната употреба е строго регулирана и најчесто резервирана за долги меѓународни тури или безбедносно чувствителни мисии.

Слична е практиката и во Шведска, Финска и Данска, каде премиерите повеќепати биле фотографирани на редовни летови. Во овие држави политичката култура на скромност е силно вкоренета. Јавноста во овие, инаку исклучително богати земји, очекува рационално трошење, а медиумите внимателно ја следат секоја евентуална злоупотреба на службени привилегии.

Балтички пример: без флота, без луксуз

Балтичките држави, како Литванија, Латвија и Естонија, воопшто немаат класична владина авијациска флота за највисоките функционери. Претседателите и премиерите најчесто користат редовни линии, чартер летови или воени транспортни авиони во рамки на НАТО кога тоа е оправдано. Во мирнодопски услови и за европски самити, комерцијалните летови се стандарден избор.

Австрија никогаш немала државен авион. Политичките лидери на оваа земја летаат со комерцијални летови или, ако е тоа неопходно, со авиони на нивното воено воздухопловство.

Холандскиот премиер како симбол

Еден од најпознатите примери за политичка скромност е поранешниот премиер на Холандија, Марк Руте. Додека беше на функцијата, Руте често патуваше со редовни линии, а паралелно работеше и како инструктор по граѓанско образование во средно училиште. Иако Холандија располага со владини авиони, користењето на комерцијални летови за европски релации беше дел од неговата политичка порака за умереност и рационалност.

Во земјите надвор од Европа

Клаудија Шајнбаум, претседателката на Мексико) се најде на насловните страници како единствената лидерка на Г20 која летала со комерцијална економска класа на самитот во Бразил во 2024 година. Таа ја следи политиката на „републиканско штедење“ на својот претходник.

Андрес Мануел Лопез Обрадорм, претходникот на Шајнбаум, е познат по продажбата на претседателскиот авион и патувал првенствено со комерцијални летови за време на неговиот шестгодишен мандат за да заштеди владини средства.

Лидерите на Нов Зеланд нема наменски државен авион за стандардна употреба, а лидерите летаат комерцијално.

Политичка порака или реална заштеда?

Користењето редовни линии не секогаш значи драматична буџетска заштеда. Безбедносните протоколи, придружбата и логистиката понекогаш ја намалуваат финансиската разлика меѓу владин и комерцијален лет. Но симболиката е силна: лидер во економска класа или на редовен лет испраќа порака дека не е над граѓаните.

Во ера на зголемена чувствителност кон јавните трошоци, особено по економски и енергетски кризи, изборот на скромност станува дел од политичкиот капитал. Во одредени општества, тоа е очекуван стандард; во други, останува исклучок што привлекува медиумско внимание.

Она што е јасно е дека моделот на економичност и демонстративна грижа за парите на граѓаните најчесто се среќава во земји со силна институционална култура, транспарентност и јавен притисок за отчетност – особено во северна и североисточна Европа.

Зачлени се на нашиот е-билтен