Како и за сè друго, фатени во скандалот со назначувањето на Душан Адамовиќ за почесен конзул во соседна Србија, ВМРО-ОКГ се обидува да се сокрие зад лаги. За назначување почесен конзул, одлука носи Владата на седница. Толку. Тука завршува прашањето на одговорност.
На ова посочува СДСМ на „оправдувањата“ дека предлогот Адамовиќ да биде конзул во Србија е на амбасадорот во оваа земја. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тој ги исполнува сите критериуми за дипломат и за негово поставување за конзул.
Иако, ВМРО-ОКГ, како што истакнуваат од СДСМ, вели дека исполнувал критериуми, не кажува кои критериуми ги исполнува Адамовиќ.
Затоа опозициската партија прашува: Дали близината со Мицкоски? Или тоа што е висок функционер на СНС, нивната сестринска партија?
Сестринската партија, очигледно, има многу такви функционери. Еден од таквите функционери и финансиери на СНС беше уапсен во акција поврзана со 5 тони дрога што дошла од Македонија, потсетува СДСМ.
Во реакцијата СДСМ нагласува дека овие прашања немаат одговор: Дали е исполнување на критериум за Македонија да се пишува дека „Српска Македонија“ била окупирана? Дали бројните афери со оружје, престрелки и напади со бомби, сите со криминална позадина, значат исполнување на критериумите?
Го провериле ли македонските безбедносни служби или Мицкоски лично лобирал за него?
Опозицијата порачува дека Мицкоски треба да излезе и да одговори: Како од толку угледни бизнисмени во Србија Владата го избрала Адамовиќ со криминално минато за почесен конзул на Македонија?