Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека утрово во 06:10 часот, поранешниот прв вицепремиер Артан Груби се појавил на граничниот премин Блаце и веднаш бил лишен од слобода и приведен за понатамошно постапување.
Малку подоцна се прошири и видео од кое се гледа дека Груби со насмевка ги прифати лисиците и соработуваше во постапката за негово проведување.
Оваа негова постапка отвора многу прашања за кои се очкеува денеска или наредните денови, МВР и Основното јавно обвинителство да понудат одговори за позадината и причините за неговото, очигледно, самостојно враќање во земјата.
Јавноста очекува одговори дали постои некој договор кој тој го прифатил за да се соочи со правдата и за политичкиот контекст за неговото враќање и приведување.
Да потсетиме дека тој ја напушти Македонија во декември 2024 година, токму кога обвинителството ја отвори истрагата за Лотарија. Истрагата покажа дека полициски службеници на Блаце му овозможиле да ја премине границата без соодветна проверка во системот.
За делото „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „проневера“, за кое се товари Груби, законот предвидува долгогодишни затворски казни, особено кога се работи за значителна штета врз државниот буџет.
Истрагата опфаќа вкупно осум лица, вклучувајќи го и Прпарим Бајрами, поранешен претседател на Управниот одбор и Генерален директор на „Државна лотарија“.
На Артан Груби во моментот на приоведувањето денеска на Блаце започна да му тече 30-дневен притвор којшто му го одреди Основниот кривичен суд Скопје уште во декември 2024 година кога тој ја напушти земјата.