Со положување цвеќе и оддавање почит на гробот во Скопје, како и на спомен-обележјата во Струмица и во Ротимље, денеска се одбележуваат 22 години од трагичната смрт на поранешниот претседател Борис Трајковски.
Трајковски загина на 26 февруари 2004 година во авионска несреќа кај Мостар, во близина на селото Хусковиќи, на локацијата Матиќ Брдо. Владиниот авион „Кингер“, со кој патуваше на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина, се урна при приоѓање кон аеродромот во Мостар, во услови на густа магла и сложена метеоролошка состојба. Леталото требаше да слета во осум часот по локално време, а остатоците беа пронајдени 24 часа по несреќата.
Покрај Трајковски, животот го загубија и членовите на неговиот кабинет Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска, Миле Крстевски од Министерството за надворешни работи, членовите на обезбедувањето Борис Велинов и Аце Божиновски, како и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.
Првичната истрага, спроведена од македонските и босанските надлежни органи, утврди дека причината за уривањето се пропусти на екипажот во процедурата за приоѓање кон мостарскиот аеродром. Во 2013 година, по барање на македонските власти, беше отворена нова истрага што ја водеше меѓународен тим предводен од Омер Кулиќ. И во вториот извештај како клучни фактори беа посочени грешки на екипажот и системски пропусти.
Годишнината денеска се одбележува во Скопје, на Градските гробишта Бутел, во родната Струмица на Трајковски и во Ротимље, близу Мостар, каде што се наоѓа спомен-обележјето на местото на несреќата. Делегации од државниот врв, претставници на институции и членови на семејството положуваат цвеќе и оддаваат почит.
Борис Трајковски е роден на 25 јуни 1956 година во Струмица. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје во 1980 година, а во кариерата извршувал повеќе политички и државни функции, меѓу кои и заменик-министер за надворешни работи. За претседател на Република Македонија беше избран во 1999 година и функцијата ја извршуваше до трагичната смрт во 2004 година.