Во организација на граѓаните и поддршка на 16 месни заедници, за денес е најавен мирен протест пред локалната самоуправа на Општина Крива Паланка.
Жителите на Крива Паланка и околните села се соочуваат со континуирана девастација на нивните земјоделски површини и имоти. Проблемот не е само економски, туку и безбедносен, особено на магистралниот пат Крива Паланка – Деве Баир, каде присуството на тешки говеда претставува директна закана за сообраќајот.
Трагичен доказ за ова е настанот од вечерта на 25 февруари, кога товарно возило усмрти крава која лутала по патот. Поплаки за уништени пластеници и насади пристигнуваат од голем број населени места, вклучувајќи ги селата Дрење, Добровница, Киселица и Голема Црцорија, населбите Трново, Варовиште, Узем и Кркља и подрачјата на Костур, Дурачка Река и Кошари, кои исто така страдаат од „распуштените“ крави.
Овие заедници, преку своите претставници, посочуваат дека тензиите се на критично ниво и дека постои реален ризик од самоорганизирана пресметка меѓу оштетените граѓани и сопствениците на добитокот.
Општината јавно застана зад барањата на граѓаните за итно спроведување на веќе донесените правосилни решенија за отстранување на животните. Сепак, изјавите на директорот на АХВ, Оливер Миланов, откриваат сериозен недостаток на координација меѓу централната и локалната власт. Миланов истакна дека сите активности се на товар на Агенцијата, без вклученост на општината или други институции во финансискиот и техничкиот дел.
Оваа поделеност во институционалниот настап само го продолжува процесот на решавање, додека граѓаните бараат одговорност за тоа кој дозволил проблемот да нарасне до овие размери и кој ќе ги надомести направените материјални штети.