„Стоп за Усје“ од „Блокадафест“: Отпорот ќе биде гласен, солидарен и креативен

Усје

Во Скопје во тек е блокада пред цементарницата „Усје“ во Скопје, под името „Блокадафест“. Како што беше најавено уште од претходните денови, активистите го блокираат главниот влез на фабриката. Блокадата ќе трае до 23 часот. За време на програмата, исполнета со музика, ди-џеи и креативни работлници на темата загадување, активистите од „Стоп за Усје“ испраќаат порака против аерозагадувањето и, како што велат, долгогодишната негрижа на институциите.

„Ова не е само блокада. Додека фабриката продолжува да загадува, ние излегуваме заедно да го блокираме загадувањето и да покажеме дека отпорот може да биде гласен, солидарен и креативен“, порачуваат организаторите.

Активистите нагласуваат дека „Блокадафест“ е јасен повик до институциите и до компанијата „Титан Усје“, со порака дека здравјето на граѓаните не е преговарачка категорија. Оваа блокада е само една од серијата акции што иницијативата ги организира во последниот период, насочени против загадувањето во Скопје, за чиешто зголемување главен причинител, според нив, е токму цементарницата.

Главните барања на активистите се итни инспекциски надзори врз индустриските капацитети, поголема транспарентност на мерењата и истрагите, јасна стратегија за намалување на индустриското и урбаното загадување и одговорност за институциите што не реагираат.

Зачлени се на нашиот е-билтен