Шпанија се соочува со закани за трговско ембарго од страна на американскиот претседател Доналд Трамп, откако Мадрид одби да дозволи користење на своите воени бази за операции против Иран. Овој потег предизвика солидарност од Франција и Европската комисија, нагласувајќи ги разликите околу американската воена интервенција со САД.
Тензиите ескалираа откако Шпанија, предводена од премиерот Педро Санчез, одби да им овозможи на Соединетите Американски Држави користење на заедничките воени бази, како што се Морон и Рота, за воени операции насочени против Иран. Оваа одлука, која Мадрид ја оправда со почитување на меѓународното право, предизвика остра реакција од американскиот претседател Доналд Трамп.
За време на средба со германскиот канцелар Фридрих Мерц, Трамп се закани со целосен прекин на трговските односи со Шпанија, нарекувајќи ја шпанската влада „ужасен партнер“. Овој судир се случува во контекст на поширока воена кампања што САД и Израел ја започнаа кон крајот на февруари 2026 година, со цел промена на режимот во Техеран.
Европските лидери реагираа со различен интензитет, што ја истакна тешкотијата за постигнување единствен став во Европската унија.
Франција, преку претседателот Емануел Макрон, изрази целосна солидарност со Шпанија, нагласувајќи дека економската принуда кон една членка е закана за целата Унија.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, се најде во деликатна позиција за ова прашање да се изјасни за време на посетата во Белата Куќа и во обид да одржи баланс во односите со Вашингтон сепак се спротивстави на идејата за посебно казнување на Шпанија.
Мотивите зад шпанскиот отпор
За Педро Санчез, одбивањето на американските барања е прашање на принципиелна одбрана на меѓународното право и избегнување на воена логика која може да доведе до поширока регионална дестабилизација. Санчез јавно го сумираше ставот на својата влада со пораката „НЕ на војната“, потсетувајќи на негативните искуства од минати интервенции, како онаа во Ирак.
Овој став е популарен во Шпанија, каде што Трамп е исклучително непопуларен, но истовремено ја става шпанската влада во директен судир со Белата куќа, која очекува безусловна поддршка од своите сојузници во НАТО.
Заканите на Трамп за трговско ембарго создадоа нервоза на пазарите, особено поради стравувањата дека геополитичката конфронтација може да прерасне во долготрајна трговска војна.
Белата куќа преку портпаролката Каролин Левит излезе си изјава дека дека Шпанија се согласила на соработка по притисокот, но шпанската влада категорично ги негираше овие наводи, инсистирајќи на својата независна позиција.
Оваа ситуација дополнително го комплицира односот на Европа кон САД, особено во момент кога ЕУ се обидува да ја зајакне својата стратешка автономија и да се справи со енергетската криза и безбедносните предизвици кои произлегуваат од конфликтот на Блискиот Исток.